Предложен е Закон за урбано зеленило
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Значењето на зеленилото за здравјето на луѓето и за квалитетот на нивниот живот во светот одамна е признаено и затоа се практикува негова строга заштита и унапредување. Зеленилото е гордост на многу европски метрополи, како на пример „зелениот Берлин“, „Виенските шуми“, Хамбург, Копенхаген, Стокхолм, Хелсинки и многу други градови,истакнувајќи го како туристички бренд на местото, поради што градовите се здобиле со титулата „зелени градови“. Во некои од нив зеленилото зафаќа дури повеќе од 45% од површината на градот.
Споменатите градови имаат традиција на почит кон природата, па така „Виенските шуми“ се прв пат заштитени во далечната 1905 година со т.н. Зелена повелба, а подоцна со уште неколку правни акти. Зеленилото особено доби на цена последниве децении, кога сме сведоци на сериозни климатски промени, во голем дел предизвикани од човековата негрижа за природата и надвладувањето на економските начела над еколошките. Постои цело светско движење за „зелени градови“, каде преку закони и современа технологија, се прави напор на онаа огромна бројка од 50% светска популација што живее во градовите, да им се овозможи поквалитетен живот, преку допир со природата
Има огромни разлики во степенот на озеленетост на европските градови, на пример: најзелени се западноевропските градови со над 40%, потоа доаѓаат источноевропските со 15%, а најлоши се балканските држави со помалку од 10% зеленило. Искажано поинаку, се смета дека 25 м²/жител зеленило овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002- та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци (ГУП 2013), Скопје во 2011 имало 12,17 м²/жител зеленило (според пописот од 2002), односно 9,18 м²/жител (сметано на 550.000 жители). Како проекција за 2020 е предвидено 18,5 м²/жител, или околу 17 м²/жител според реалниот број жители.
За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило, како што предвидува Генералниот урбанистички план. Слична е состојбата и со другите урбани центри во Македонија. Поради недоволната свест за значењето на урбаното зеленило, тоа премногу лесно се претвора во градежна парцела. Се заборава дека повеќе зеленило значи повеќе здравје, зашто само едно 10- годишно дрво дневно дава кислород потребен за еден човек, го троши јаглеродниот диоксид, дава влага, сенка и го хуманизира просторот. Поради сево ова, на зеленилото му треба институционална заштита, со носење посебен Закон за урбано зеленило. Со него ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон. Во законот стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба.
Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни Генералниот урбанистички планови како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од 10 до 30%, зависно од намената и локацијата. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста.
Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето. 5 Со носењето на Законот за зеленило, тоа станува предмет на интерес и заштита од страна на граѓаните и институциите и ќе добие третман каков што заслужува, како предуслов за здрав живот на сегашните и идни генерации. При изработката на Предлог законот за урбано зеленило беа користени искуствата од австриското и германското законодавство за зеленило,Закон за уредување и одржување на зелените површини од 1968 година (за кусо време укинат), како и работна верзија на нацрт-текст од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
Користени се и многу законски и подзаконски акти: Закон за заштита на природата, Закон за заштита на животната средина, Закон за урбанизам и просторно планирање; одлуки за прогласување за заштитени подрачја на парк-шумата Водно, карактеристичен пејсаж Гази Баба и кањон Матка; потоа одлуки за комунален ред на Град Скопје и за поставување урбана опрема; Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (од 1997 до 2012 година, каде најдобро се гледа постепеното бришење на зеленилото од урбанистчката документација); Генералните урбанистички планови на Скопје (2002 и 2013); Генералниот урбанистички план на Белград и многу други документи и прописи
Предлог Законот можете да го превземете ТУКА