Предложен НОВ Закон за нотаријатот – Нови надлежности на адвокатите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Нотаријатот во Република Македонија се востанови во текот на 1996 година со донесување на Законот за вршење на нотарските работи, како современа јавна служба во функција на задоволување на потребите и правните интереси на граѓаните и другите правни субјекти и позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем, а особено влијаеше врз унапредувањето на превентивната правна заштита и зголемувањето на правната сигурност на граѓаните.
Со цел да се обезбеди натамошно унапредување и развивање на нотаријатот, се пристапи кон подготвување на нова законска рамка со која се уреди нотаријатот. Во 2007 година беше донесен новиот Закон за нотаријатот („Службен весник на РМ“ бр. 55/07), кој стапи во сила на 12.05.2007 година. Со новиот закон, престана да важи Законот за вршење на нотарските работи од 1996 година („Службен весник на РМ“ бр. 59/1996,25/1998, 6/2002 и 66/2006). Донесувањето на Законот за нотаријатот беше во насока на натамошно имплементирање на современите достигнувања во областа на нотаријатот следејќи ги компаративните искуства и европските стандарди во однос на модернизирање на граѓанското законодавство. Новините во предложените законски решенија ја зголемија одговорноста на нотарот при вршењето на нотарската служба.
Со новите законски одредби се предвиде поголема правна сигурност и заштита на граѓаните и правните лица во реализација на своите права пред се во правниот промет и намалување на судските предмети. Посебен акцент се стави на одредбите кои го регулираат надзорот над нотарите и Нотарската комора на Република Македонија. Со Законот за изменување и дополнување на законот за нотаријатот („Службен весник на РМ“ бр.86/08), се зајакна положбата на нотарите во правниот систем на Република Македонија, односно се предвидоа критериуми за определување на наградата и надоместокот на трошоците на нотарите за преземање на дејствија во вршењето на нотарската служба. Исто така со измените и дополнувањата на законот, процентот на износот на нотарската такса се намали за 75%, во интерес на граѓаните на Република Македонија. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот („Службен весник на РМ“ бр. 139/09), се утврдија законските основи за донесување на нотарската тарифа согласно критериумите пропишани во законот, асе прецизирааи законските основи за донесување на подзаконските акти за пропишување на начинот на постапувањето на нотарите при составувањето на нотарските акти, водењето на уписниците, книгите и имениците, начинот на водењето на евиденциите на нотарските списи, означувањето на нотарските канцеларии, издавањето, употребата и одземањето на печатот, сувиот и водениот жиг.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот („Службен весник на РМ“ бр. 135/11), се избриша обврската на слепите лица за сите правни работи кои ги презмаат задолжително да составуваат нотарски акти, како и тоа да при составувањето на нотарските акти во кои што барем една од странките е слепо лице задолжително да се повикува сведок. Воедно, со овие измени и дополнувања се воведоа уште две деловни книги и тоа: Уписникот за примени предлози за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа и Именикот за извршни предмети, кои што беа неопходно потребни во работењето на нотарите поради преземањето на новата надлежност за постапување по предлозите за донесување на решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Со овие измени и дополнувања на Законот за нотаријатот се извршија и одредени измени во начинот на избор на членовите на дисциплинскиот орган при Нотарската комора и во висината на одредени дисциплински мерки за сторени точно определени дисциплински повреди.
Со наведените измени и дополнувања се измени начинот на донесувањето на Нотарската тарифа, на начин што се предвиде истата да ја донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење на Нотарската комора и согласност од Владата на Република Македонија. Меѓутоа, имплементацијата на Законот за нотаријатот покажа одредени недоречености во законот, кои предизвикуваат различно толкување кај нотарите и остава можност за различно постапување. Воедно, Законот за нотаријатот не ги уредува сите работи кои што при вршењето на нотарската служба ги вршат нотарите, за кое нешто типичен пример е постапувањето на нотарите по предлозите за донесување на решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојни исправи кое што е уредено со Законот за извршување(,,Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013). Законот за нотаријатот не ги следи во чекор и современите текови и придобивки од областа на електронската комуникација, кои што се применливи во работењето на нотарите, како и полагањето на нотарскиот испит по електронски пат.
Причините за донесувањето на Предлог на Законот за нотаријатот произлегуваат од неговата практична примена. Со новиот текст на Законот за нотаријатот ќе се надминат констатираните слабости на постојниот закон, номотехнички и содржински ќе се преуреди структурата на законот кој што моментално е во примена преку допрецизирање на законските одредби, како и преку измена на најголемиот дел од постоечките законски одредби, а водено ќе се уреди и надлежноста на нотарите во делот на постапувањето по предлозите за донесување на решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа (нотарски платен налог) и ќе се воведе значајна новина со давањето на можноста нотарите да составуваат и издаваат електронска нотарска исправа и електронски да ги архивираат нотарските списи. Новиот закон со кој се уредува нотаријатот како јавна служба во Република Македонија ќе понуди и решение на проблемот на архивирањето и чувањето на нотарскиот архивски материјал преку неколку алтернативни можности за чување на истиот, и тоа во специјализирана лиценцирана институција за чување на архивски материјал, во заедничка архива која ја води Комората или пак во друга соодветна просторија за чување на архивски материјал.
Исклучително значајна новина, а воедно и голема придобивка кон ефикасноста во нотарското работење е новото законско решение кое ја предвидува можноста уписниците како деловни книги нотарите да ги водат во електронска форма, што досега не беше случај и ваква можност се предвидуваше само за Заедничкиот именик и Именикот за извршни предмети, што значително ќе го олесни работењето на нотарите имајќи ги предвид нивните големи надлежности. По однос пак на ставањето на своерачните потписи на учесниците кои што се појавуваат како странки во постапките пред нотар, предложениот текст на законот нуди ново решение, пропишувајќи нова деловна книга – ,,Книга за потписи”, за која се предвидува исклучива писмена форма во која ќе се потпишуваат учесниците во постапката пред нотар, а не како што досега беше случај учесниците да се потпишуваат во Општиот деловен уписник во кој се заведуваат нотарските акти и солемнизации изготвени од нотарите или пак во Уписникот за заверки и потврди во кои се заведуваат сите потврди, заверки, преводи и преписи кои ги издаваат нотарите. Во делот на организационата поставеност на нотаријатот во Република Македонија, посебна придобивка е пропишувањето на законската можност во рамките на Нотарската комора на РМ да може да се основа Нотарска академија, која би била одлична подлога и основа за иден избор на што подобро и поквалитетно обучени нотари.
Се врши и промена на составот на Дисциплинскиот совет при Нотарската комора, кој ќе биде составен од двајца судии, обвинител и двајца нотари и нивни заменици, со што се зајакнува стручноста и компетентноста на овој орган за водење на дисциплинските постапки против нотарите. Новина е воведувањето на нотарскиот платен налог односно се пропишува постапката која ја спроведува нотарот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојни исправи, како и правата на странките во постапката пред нотарот за издавање на решение за нотарски платен налог. Се уредува и доставата која ќе ја вршат нотарите за доставување на нотарскиот платен налог. Новина во законската регулатива на нотаријатот во Република Македонија е и воведувањето на испитот за заменик-нотар, помошник-нотар, нотарски стручен соработник и стручен испит за проверка на знаењата на нотарите како и новиот начин на полагање на нотарскиот испит, испитот за заменик-нотар, помошник нотар, нотарски стручен соработник и стручен испит за проверка на знаењата на нотарите по електронски пат заради поголема објективност во оценувањето како и на посебна глава за прекршочни одредби, во кој што се предвидуваат прекршочни казни за сторени прекршоци од страна на претседателот на Нотарската комора, и други лица кои не ги почитуваат одредбите од законот.
Новина е присуството на адвокати при составувањето на нотарски исправи и изготвувањето на приватни исправи од адвокати со адвокатски печат и потпис кои потоа ќе се потврдуваат од нотар, кое учество на адвокати зависи од вредноста на предметот на службеното дејствие кое се презема, изготвување на предлозите за донесување на решение за нотарски платен налог како и редовните правни лекови од страна на адвокати,како и присуството на адвокати во постапката за расправање на оставина пред нотар. Ова се воведува со цел зголемување на правната сигурност на странките во постапката пред нотар.
Предлог Законот можете да го превземете ТУКА