Предложен закон за формирање слободни здравствени зони | Правдико

Правдико

   

Предложен закон за формирање слободни здравствени зони

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobranieФормирањето на слободни здравствени зони со кој ќе се обезбедат поволни услови за привлекување странски инвестиции во областа на здравството и привлекување најсовремена здравствена технологија, како и поттикнување на здравствениот туризам, е проект на Владата на Република Македонија кој треба да биде имплементиран во претстојниот период, со крајна цел првата слободна здравствена зона да биде отворена во 2017 година.

Во овој контекст и во насока на создавање на правни претпоставки за отворање и работење на слободните здравствени зони изготвен е предлог закон за слободните здравствени зони. Со Предлог – законот за слободните здравствени зони се уредуваат погодностите за инвестирање во слободните здравствени зони, условите, начинот и постапката за основањето, развојот и работењето на слободните здравствени зони, дејностите кои се вршат во слободните здравствени зони и посебните услови за нивно вршење, примената на царинските прописи во слободните здравствени зони, како и престанокот на работа на слободните здравствени зони и на корисникот на слободните здравствени зони.

Целта на овој Предлог-закон е развој на здравствениот туризам, подигнување на нивото на здравствената заштита во Република Македонија со привлекување на странски капитал за воведување на нови здравствени методи и постапки, трансфер на know how и технологија и зголемување на конкурентноста и на вработувањето, зголемување на квалитетот на високообразовната понуда од областа на медицината, воспоставување и промовирање на вредности и практики и понуда на повисок квалитет на образование од постојниот, кој ќе донесе современи и квалитетни образовни методи.

Предлог – законот за слободните здравствени зони повлекува обврска за обезбедување средства за негово спроведување од Буџетот на Република Македонија. Предвиден е буџет во висина од 30.000.000 денари потребни за уредување на зоната од страна на основачот, обезбедување средства за државна помош за корисниците на зоните и нејзино промовирање заради привлекување на странски и домашни инвеститори. Се планира првата слободна здравствена зона да биде отворена во текот на 2017 година.

До отворањето на првата слободна здравствена зона се планира изготвување и печатење на брошура за слободни здравствени зони веднаш по донесувањето на законот за слободните здравствени зони; наоѓање на на прифатлива локација и соодветно земјиште за основање на слободна здравствена зона; изготвување на план за промоција на слободните здравствени зони; уредување на слободната здравствена зона пред нејзиното основање и отворање во текот на 2015 и 2016 година и отворање на првата слободна здравствена зона во текот на 2017 година. Потребно е и обезбедување на средства за државна помош за корисниците на зоните со Буџетот на Република Македонија за секоја година, почнувајќи од 2017 година.

Предлог законот можете да го превземете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико