Предложени бројни измени во Законот за финансиска дисциплина
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за финансиска дисциплина се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови согласно со овој закон. Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина се врши допрецизирање на постапката на вршење на контрола на спроведувањето на законот, уредување на роковите за исполнување на паричните обврски во случаите кога паричната обврска е утврдено да се исполнува на рати, уредување на роковите за плаќање во случаите кога како должници се јавуваат субјекти од јавниот сектор од областа на здравството, како и усогласување на Законот за финансиска дисциплина со Законот за прекршоци.
Со членот 1 се допрецизира предметот на уредување на законот, односно неговата цел, спречување на неисполнување на паричните обврски во утврдените рокови во законот.
Со членот 2 се проширува дефиницијата за деловна трансакција, односно под деловна трансакција да биде опфатена секоја трансакција, како и секој договор. Исто така, се предлага измена на дефиницијата за задоцнето плаќање, односно прецизирање дека задоцнето плаќање постои во случаите кога паричната обврска не е исполнета во роковите утврдени во законот, односно во договорениот рок во случај кога се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Со членот 3 се допрецизира примента на овој закон за деловни трансакции помеѓу економски оператори од приватниот сектор.
Со членот 4 се вршат измени во членот 6 од постојниот закон со кој се уредува примената на законот за деловни трансакции настанати помеѓу економски оператори од приватниот сектор и субјекти од јавниот сектор, во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник. Имено, соодветно на предложената измена на дефиницијата за деловна трансакција од членот 2 на овој закон, во ставот 1 од членот 6 на постојниот закон се вршат измени со кои се уредува примената на овој закон во случаите кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник. Дополнително се предлага во членот 6 да се додаде нов став (2) со кој за субјектите од јавниот сектор од областа на здравството да се утврди рок за плаќање на обврските до 90 дена. Подолги рокови за плаќање за здравствените институции од јавниот сектор е искуство кое е применето и во законските решенија во земјите од региониот, исто така и регулативата на ЕУ за оваа област дава можност за овие субјекти да се утврдат подолги рокови за плаќање. Исто така, се менуваат и ставовите (5) и (6) од членот 6 на постојниот закон, со кои се утврдуваат роковите за доставување на барањето за плаќање од субјектите од јавниот сектор до Трезорската сметка на Министерството за финансии, односно за субјектите од областа на здравството до Трезорот на Фондот за здравствено осигурување, како и роковите за исполнување на обврските од страна на Трезорот на Министерството за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување кон економските оператори од приватниот сектор, соодветно на предложените измени од истиот член.
Со членот 5 се додава нов член 6-a со кој се уредуваат роковите за исполнување на обврските во случаите кога е утврдено паричната обврска да се исполнува на рати, со кој е предвидено за секоја одделна рата да се применуваат роковите утврдени од членот 5 во случаите кога деловната трансакција е помеѓу економски оператори од приватниот сектор, односно роковите од членот 6 во случаите кога деловната трансакција е настаната помеѓу економски оператор од приватниот сектор и субјект од јавниот сектор, во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник.
Со членот 6 технички се усогласува терминологијата за предметот на уредување на законот, соодветно на горенаведените предложени измени.
Со член 7 се уредува правото на доверителот на надоместок доколу должникот доцни со плаќање на обврска на рати.
Со членот 8 се брише членот 9 од постојниот закон, со кој е уредено правото за наплата на казнена камата, бидејќи истата како предмет на уредување е опфатена со Законот за облигациони односи.
Со членот 9 се врши уредување на надлежноста за вршење на надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон.
Со членот 10 се вршат измени во членот 12 од постојниот закон, во однос на постапката за контрола од страна на Финансиската инспекција во јавниот сектор, односно Управата за јавни приходи. Имено, наместо сегашното решение: нотар, суд и извршител да доставуваат известување до финансиската инспекција во јавниот сектор и Управата за јавни приходи за секој предлог од доверител за донесување на судска пресуда, решение за извршување или платен налог, во постапка за присилна наплата на побарувањата, се предлага контролата да се врши само по доставување на известување од суд, нотар односно извршител за донесена правосилна судска пресуда, правосилно решение за извршување врз основа на веродостојна исправа или барање за извршување врз основа на извршна нотарска исправа. Судот, нотарот, односно извршителот ќе бидат должни во рок од 10 дена од донесување на правосилните акти да достават известување до Финансиската инспекција во јавниот сектор, односно до Управата за јавни приходи.
Со членот 11 технички се уредува ставот 1 од членот 13 на постојниот закон, соодветно на горенаведените предложени измени на законот.
Со членот 12 се додаваат два нови члена 13-а и 13-б, кои се однесуваат на постапката на вршење на контрола на спроведувањето на одредбите од овој закон. Имено, со предложениот членот 13-а се предвидува можноста доколку од страна на органите на надзор се утврди дека прекршокот на одредбите на овој закон е направен по прв пат од страна на субјектот на надзорот, надзорните органи да донесат решение со укажување за отстранување на прекршокот во рок од 8 дена и се предвидува едукација за одговорното лице на субјектот каде е утврден прекршокот. Доколку субјектот на надзорот го отстрани прекршокот во дадениот рок од инспекторот, се запира постапката, а доколку не е отстранет во утврдениот рок, се предлага постапка на порамнување согласно одредбите од Законот за прекршоците. Со членот 13– б се предвидува можноста доколку органите на надзор при вршењето на надзорот утврдат дека паричната обврска е исполнета до денот на вршење на надзорот, да се донесе заклучок за запирање на постапката на инспекцики надзор, земајќи во предвид дека прекршокот до вршењето на надзорот е отстранет.
Со членот 13 од Предлогот на закон, се менува постојниот член 14 од Законот со кој се уредува дека за прекршоците предвидени во овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд. Исто така, се воведува постапката на порамнување која е задолжителна, односно за сторените прекршоци од овој закон, овластените лица од Финансиската инспекција од јавниот сектор, односно од Управата за јавни приходи се должни на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка. За субјектите предмет на надзорот чии сметки се блокирани подолго од 45 дена од денот на истекот на рокот за плаќање, не се поведува прекршочна постапка. Ова решение се предлага од искуството од досегашната примена на законот каде се појавија случаи на субјекти кои имаат блокирани сметки и кои сите обврски спрема доверителите ги плаќаат врз основа на извршни акти. Условот од 45 дена се предлага, бидејќи согласно член 5 став 2 од Законот за стечај, услов за отворање на стечајна постапка е должникот да не извршил плаќање во 45 последователни денови од своите сметки кон ниту еден доверител. Во ваков случај, доверителот има право да побара отворање на стечајна постапка над должникот, а своето побарување да го намири од должникот од стечајната маса.
Членот 14 со кој се додава нов член 14-а ја уредува постапката за издавање на прекршочен платен налог.
Со членот 15 се врши измена на членот 17 кој се однесува на висините на глобите кои им се изрекуваат на правните лица економски оператор и правните лица субјекти од јавниот сектор како и трговците поединци. Дополнително се врши и усогласување во делот на определувањето на глобите за одговорното лице во правното лице економски оператор, одговорното лице во правното лице субјект од јавниот сектор и одговорното лице во трговецот поединец.
Целосниот текст на предлог измените можете да го превземете ТУКА