Предложени измени во Изборниот законик | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Изборниот законик

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ-ОДХИР од предвремените парламентарни избори 2020 година кои се однесуваат на одредбите на постојниот Изборен законик.

Овие предложени измени и дополнувања се резултат на отворената дебата по однос на истите препораки од извештајот која се водеше, како помеѓу политичките партии, така и во рамките на работната група на Министерството за правда во која беа вклучени, пред се ДИК како носечки орган за организација и спроведување на изборите, исто така и другите институции кои се поврзани и партиципираат со свои надлежности во изборите како што се Државниот завод за ревизија, Државната Комисија за спречување и заштита од корупција, Државниот завод за статистика, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи , како и политичките партии и невладините организации кои доставуваа свои предлози.

Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со истите се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции и се подобруваат и се воведуваат нови изборни дејствија и рокови пред се кои се поврзани од досегашното искуство и пракса при спроведувањето на изборите од страна на Државната изборна комисија, но и кои произлегуваат од воведувањето на нов начин на идентификација на гласачите и делумно нов начин на гласање за советници во општините преку отворени-преференцијални листи на кандидати.

Со споменатите измени и дополнувања се создава и поголема можност за избор на граѓаните со непосредно гласање за посебно по една личност-кандидат од секоја предложена листа на партиите или од независните листи на кандидати, со што се зголемува демократичноста на процесот и подиректно доаѓа до израз непосредната воља на граѓаните преку гласањето за и конкретна личност, а не само за партија.

Генерално со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат бенефит пред се граѓаните како гласачи, политичките партии и кандидатите, но и институциите кои имаат свои надлежности во изборниот процес и таквите измени и дополнувања може да се подредат и образложат во неколку групи:

1.Зголемување на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборен процес во насока на надзор над сите државни органи и институции кои се задолжуваат да доставуваат податоци до ДКСК за сите моторни возила со кои располагаат, а со цел увид во користењето на истите за време на избори и спречување на евентуални злоупотреби,

2.Се воведува нов начин на избор на Генерален секретар на ДИК, а се уредува и мандатот на ДИК,

3.Се дава право на граѓани кои со судска одлука имаат одземена деловна способност, доколку има услови да ја изразат својата воља, истите да бидат запишани во избирачкиот список што досега не беше случај,

4.Се дозволува јавен увид во избирачкиот список во КПД,

5.Се овозможува на сите партии или подносители на независни листи да можат да ги повлечат листите во рок од 48 часа од нивното потврдување во изборните органи, додека досега имаше право само да биде заменет некој од кандидатите,

6.Се дефинира одговорноста на учесниците во изборната кампања во однос на содржината на огласите, соопштенијата, рекламниот материјал итн.,

7.Се овозможува на гласачите чија важност на докуметот за лична идентификација истекла од моментот на распишување на изборите до денот на гласање, истите да може да го остварат правото на глас.

8. Се овозможува запишување на избирач во избирачкиот список по усвоен приговор за заштита на личното избирачко право, бидејќи до сега немаше можност, од причина што не постоеше законска можност за запишување на избирачите во Избирачкиот список во случај на усвоен приговор за заштита на личното избирачко право.

9.Се проширува правото на поднесување на приговор за евентуални повреди на личното избирачко право на секој граѓанин и истото може да се направи до соодветната општинска изборна комисија во рок кој е зголемен и изнесува 12 часа,

10.Се усогласуваат роковите за постапувањето по приговори на Државната изборна комисија и по жалби на Управниот суд.

11.Се регулира начинот на гласање при прогласена епидемија/пандемија на заразна болест.

12.Се овозможува ангажирање на лица за дополнителна техничка подршка на изборните органи во врска со спроведувањето на гласањето со отпечаток од прст,

13. Во избирачкиот список се додава посебен бар код за секој гласач во функција на зголемување на контролата на гласањето со отпечаток од прст.

Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико