Предложени измени во Кривичниот законик | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Кривичниот законик

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Изминатиов период на меѓународен план беа донесени повеќе инструменти кон кои има пристапено и Република Северна Македонија. Исто така, во рамките на Европската унија беа донесени директиви кои би требало да се транспонираат во нашето казнено законодавство, а дел од нив и во Кривичниот законик.

Овие измени и дополнувања на Кривичниот законик опфаќаат интервенции во неколку области каде што се наметна потреба од ургентни интервенции, и тоа: имплементација на Истанбулската конвенција, интервенција во кривичните дела кои се поврзани со безбедноста на новинарите, менување на одредени одредби од Кривичниот законик (во сферата на конфискацијата и тортурата) како резултат на пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на одредби од Конвенцијата, како и усогласување на Кривичниот законик со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.

Предлогот на законот е изготвуван од судии, јавни обвинители и професори, а во работната група која е поддржана од ОБСЕ учествуваа и бројни меѓународни екперти од оваа област, како и претставници на невладините организации. Предлогот на Законот беше доставен на мислење до Врховниот суд на Република Северна Македонија,  Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Адвокатската комора, Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскот суд за човекови права во Стразбур, Здружението на новинари, Министерството за информатичко општество и админитрација, Министерството за внатрешни работи и Секретаријатот за законодавство.

Вградените решенија содржани во законот се базирани врз меѓународните стандарди во оваа област, и тоа особено следниве документи:

  • Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство (Истанбулска конвенција),
  • Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право,
  • Пресуди на Европскиот суд за човекови права

 

Во однос на Истанбулската конвенција, беше земена предвид „Анализата на усогласеноста на законодавството на Република Македонија со Конвенцијата на советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство“. Исто така, беа анализирани и одредбите од кривичните законици во повеќе држави кои ја имаат имплементирано Истанбулската конвенција. Посебно внимание беше посветено на евалуациите на законодавстава во однос на имплементацијата на Истанбулската конвенција од страна на GREVIO во рамките на Советот на Европа.

Во однос на заштитата на новинарите, беа консултирани компаративни искуства од други држави и тие искуства соодветно беа преземени во нашиот Кривичен законик. За таа цел, беше користена документот „Анализа и препораки за измена на Кривичниот законик на Република Македонија за зголемена заштита на новинарските екипи при вршењето на нивната професионална должност“.

Во врска со извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, беа анализирани пресудите со кои се утврдува повреда на одредбите од Конвенцијата од страна на нашата држава и тоа при одземањето на предметите, односно непримената на принципот на пропорционалност при примената на овој институт од страна на судовите, како и пресудите против нашата држава во однос на кривичните дела поврзани со тортурата и малтретирањето во вршењето на службата и застаувањето на овие кривични дела.

Во однос на измената на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на финансиските измени, беше земен предвид следниот документ: „ Национална стратегија за борба против измама за заштита на финансиските интереси на Европската унија во Република Македонија 2019 – 2022 година“.

Република Северна Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција во 2011 година, додека ратификацијата следеше седум години подоцна. Со тоа земјата демонстрираше политичка волја да се справи со насилството врз жените. Истанбулската конвенција стапи во сила на 1 јули 2018 година, а Владата на Република Северна Македонија дополнително го усвои националниот акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција, каде што централно се предвидени активности на промена на законодавството со цел преточување на стандардите на Конвенцијата во пракса. Истанбулската конвенција дефинира неколку клучни поими на кои се заснова актот: насилство врз жени, домашно насилство, род, родово засновано насилство, жртва и жени. Работната група која работи на изготвување измени и дополнувања на КЗ, во драфтот на КЗ посебно внимание посвети на вградување на стандардите содржани во Истанбулската конвенција, во следниве насоки:

  • интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник наспроти родово неутралниот кој моментално се употребува.
  • вметнување на родовата перспектива во КЗ, гарантирање дека родовите димензии се земени предвид во дефинирањето на кривичните дела и постапките за спроведување на овој Законик.
  • измени во Кривичниот законик во однос на половиот напад и силувањето.
  • измена на Кривичниот законик со цел дефинирање на психичко насилство.
  • Инкриминирање на демнењето како ново кривично дело со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите.
  • Имкриминирање на сексуалното вознемирување како кривично дело во Кривичниот законик и дефинирање соодветни санкции за сторителите.

Во однос на заштитата на новинарите, работната група предложи измени во одредени кривични дела со квалификаторен облик доколку делото е сторено против новинар, за што се пропишани построги казни. Тоа се следниве кривични дела: Убиство, Спречување службено лице во вршење службено дејствие, Загрозување на сигурноста и Присилба.

На 5 јули 2017 година Европскиот парламент и Советот ја усвоија Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Директивата се однесува на заштитата на финансиските интереси на Унијата. Таа не се однесува само на управувањето со одобрените буџетски средства, туку се однесува на сите мерки што имаат негативно влијание или кои претставуваат закана за негативно влијание врз средствата на ЕК и на оние на земјите членки, до степен до кој овие мерки се од значење за политиките на Унијата. Директивата предвидува заедничко дефинирање измама, за која се смета дека треба да се имплементира во националните правни акти. Согласно Националната стратегија и Акцискиот план за имплементација на стратегијата за  борба против измами за заштита на финансиските интереси на Европската Унија во Република Северна Македонија за период 2020 – 2021 донесена од страна на Министерството за финансии, една од предвидените активности е усогласување на законите со Европската Директива 2017/1371. Согласно одредбите од Директивата за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривично право, потребно беше да се изврши изменување и дополнување на Кривичниот законик. За таа цел, во рамки на ИПА проектот „Зајакнување на функциите на буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“ при Министерството за финансии беа спроведени активности со цел да се изврши проценка на степенот на усогласеност и врз основа на тоа беше подготвен и доставен извештај со препораки. По изготвениот извештај од страна на ангажираните експерти од страна на ИПА Проектот, истиот беше доставен до работната група за подготовка на измени и дополнувања на Кривичниот законик и беше одржан on line состанок со истите. Согласно дадените препораки соодветно беа извршени измени и дополнувања на законикот. Дополнително, Министерството за финансии изготвениот предлог го доставија со OLAF (Европска канцеларија против измами на средствата на Унијата), од каде добивме нивно мислење за усогласеноста.

Во однос на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на тортурата и малтретирањето во вршењето на службата, се интервенира во овие два члена, но и во членот каде што е уредено застарувањето на кривичните дела. За ова беше користен експерт од Советот на Европа со чија помош беа дефинирани наведените законски одредби. Во однос на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на одземањето предмети, се интервенира во соодветните одредби во Кривичниот законик со кои се пропишува задолжителна примена на принципот на пропорционалност при одземањето на предмети, а се лимитира само во исклучителни случаи пропишување на одредби за задолжително одземање предмети во кривичната постапка.

Целосниот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико