Предложени измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ги уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата; правилата на сообраќајот на патиштата; системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата; должностите во случај на сообраќајна незгода; кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи; оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца; посебните мерки на безбедност; организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата; евиденциите и заштитата на податоците; прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

Во услови на пандемијата предизивкана од вирусот Корона (COVID 19), а со цел овозможување редовно спроведување на возачките испити, односно вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, а воедно спречување на ширење на вирусот и заштита на јавното здравје, донесена е Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.131/20).

Во наведената уредба предметното прашање е уредено на начин што се предвидува за време на траење на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година, при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во возилото да се присутни претседателот на испитната комисија и испитувачот по практичен дел.

Имајќи ја предвид временската рамка утврдена во Уредбата, се предлага донесување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со што предвиденото решение во Уредбата ќе биде преточено во законска одредба и со тоа ќе се овозможи спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во континуитет, сé до завршување на пандемијата предизвикана од вирусот Корона.

Со донесувањето на Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/19) и Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) се наметна потребата од ревидирање на конкретни одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во насока на нивно усогласување со одредбите од наведените закони.

Истовремено, со предложениот закон се предлага пролонгирање на периодот за кој на граѓаните кои што се имаат стекнато со потврда за положен возачки испит за категориите „АМ“, „А2“ и „Т“ до 1 јануари 2019 година и на граѓаните кои ќе положат возачки испит за категориите „АМ“, „А2“ и „Т“ до 1 јануари 2022 година, Министерството за внатрешни работи им издава потврда за положен возачки испит со право за управување возило во сообраќајот, со важност до 1 јануари 2022 година.

Партнери на Правдико