Предложени измени во Законот за ДДВ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за данокот на додадена вредност е воведен данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок и се уредува неговото пресметување и плаќање. Со законот се определува: предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, административните обврски, плаќањето на данокот, како и казнените одредби. Според постојното законско решение, уредено со член 14 од Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/99…..23/16 – во натамошниот текст: ЗДДВ), местото на промет во случај на обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови, се утврдува со општото правило уредено со ставот (1) од овој член, според кој за место на прометот на услуги се смета местото каде што вршителот на услугата има вистинско седиште или подружница од каде услугата вистински се извршува.
Ако такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета местото каде што лицето кое ја врши услугата има свое постојано живеалиште или престојувалиште. Во таа насока, измената и дополнување на ЗДДВ има за цел да се избегне двојно оданочување или неоданочување, кое може да настане во случај на извршување на промет спрема лица кои се со седиште надвор од територијата на “земјата” или пак е примен промет од лица кои се со седиште надвор од територијата на “земјата”.
Поконкретно, со измената се предвидува при утврдување на место на промет во овие случаи јасно да се дефинира местото на промет така што ќе се примени принципот на дестинација, односно како место на промет на услугата: обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови, да се смета местото во кое корисникот на услугата има вистинско седиште или подружница за кои услугата била вистински извршена или, доколку такво место не постои, неговото постојано живеалиште или престојувалиште.
Понатаму, според постојното законско решение прометот на пелети и печки на пелети и котли на пелети се оданочува според општата даночна стапка од 18%. Со цел да се стимулира користењето на пелети како еколошки поприфатлив енергенс за греење како и употребата на печки на пелети, а во насока на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, со измените се предлага прометот на овие добра да се оданочува со повластена даночна стапка од 5%. Исто така, согласно постојното законско решение во членот 41 став (1) и (2) од ЗДДВ, даночниот обврзник е должен за секој даночен период да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на даночниот период во која сам го пресметува данокот.
Кон даночната пријава за соодветниот даночен период, даночниот обврзник е должен да поднесе периодичен финансиски извештај од одобрените фискални системи на опрема за регистрирање на готовински плаќања и преку носителот на платниот промет да поднесе периодичен извештај од денарски трансакциски сметки и девизни сметки преку кои го остварува работењето. Согласно членот 41, став (6) од ЗДДВ периодичните извештаи од денарските трансациски сметки и девизни сметки преку кои даночниот обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност го остварува своето работење, ги доставува носителот на платниот промет по електронски пат до надлежниот даночен орган.
Периодичните извештаи носителот на платниот промет ги доставува за период и во рок во кој се поднесува даночата пријава. Согласно член 2 од Законот за регистрирање на готовински плаќања (“Службен весник на Република Македонија бр.31/01…23/16), даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (во натамошниот текст: готовински плаќања), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата (во натамошиот текст: фискална сметка). Согласно член 3 од Законот за регистрирање на готовински плаќања, фискалниот систем на опрема се состои од: фискална апаратура и од интегиран автоматски систем за управување.
Интегрираниот автоматски систем е систем за постојана електронска комуникација на трговскиот објект со Управата за јавни приходи за секојдневно автоматско пренесување на податоци во вид на дневен финансиски извештај, и истиот се состои од GPRS терминал (General packet radio service) и крипто модул. Со воведувањето на интегрираниот автоматски систем за управување е овозможена постојана електронска комуникација на трговскиот објект со Управата за јавни приходи за секојдневно автоматско пренесување на податоци во вид на дневен финансиски извештај.
Бидејќи со воведувањето на интегираниот автоматски систем за управување се овозможи Управата за јавни приходи да располага со дневни и периодични фиансиски извештаи, со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се предлага да се укине обврската за поднесување на периодичен финансиски извештај од одобрените фискални системи на опрема за регистрирање на готовински плаќања со поднесување на Пријавата за данокот на додадена вредност (ДДВ-04). Од горенаведените причини постои потреба за измени и дополнување на ЗДДВ.
Целиот текст на предлог законот можете да го превземете ТУКА