Предложени измени во Законот за иновациската дејност | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Законот за иновациската дејност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobranie-na-rm-640x360Потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за иновациската дејност е заради дополнување на одредба од законот со која се дава можност Фондот при оценување на поднесените проекти за добивање на грантови да може да ангажира стручни лица кои ќе направат евалуација и ќе дадат стручно мислење. За таа цел ќе се вооспостави Регистар на стручни лица кој ќе го води Фондот за иновации и технолошки развој.

Целта на предлог законот е да се обезбеди давање на грантови на квалитетни проекти, а истото ќе се овозможи со  вршење на соодветна евалуација и давање на стручно мислење на лица од Регистарот кој ќе го води Фондот за иновации и технолошки развој. Начелата на кои се базира овозакон се стручност, транспарентност и отчетност.

Со предлог измените се уредува дека при евалуација и одлучување za проектите пријави на јавниот  конкурс, како и за веќе одобрените проекти, Фондот може да ангажира стручни лица од Регистарот на стручни лица од соодветната област да направат евалуација и дадат стручно мислење. Стручното лице е должно да го разгледа материјалот и да достави свое мислење.

Во прилог на своето мислење, стручното лице мора да достави изјава дека под целосна морална, материјална и кривична одговорност дека мислењето е изработено стручно и совесно, во согласност со правилата на науката и струката, етичките норми и професионалните стандарди и дека нема да учествува, директно или индиректно, во постапката за доделување на договор за грант кој е предмет на барањето за евалуација. Стручните лица имаат право на надоместок за направената евалуација и даденото стручно мислење кој е на товар на Фондот во износ кој се утврдува со тарифник што го донесува Управниот одбор на Фондот, а по претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Висината на надоместокот во тарифникот ќе се утврдува според видот на постапката, проценетата вредност на договорот и неговата сложеност, како и потребното време за прибирање на податоци и изработка на евалуацијата и мислењето. Начинот на вклучување и работа на стручните лица во работата на Фондот при евалуацијата давањето на стручно мислење ќе се уреди со правилник кој го донесува Управниот одбор на Фондот. Фондот ќе воспостави и ќе води електронски Регистар на стручни лица кои му помагаат при евалуацијата и давањето на стручно мислење .

Фондот ќе објавува јавен повик во кој се утврдуваат областите на специјализација, условите за избор, начинот на поднесување на пријавите, потребната документација за докажување на исполнетоста на условите за избор и други елементи кои ги утврдува Управниот одбор на Фондот. За да се запише во Регистарот на стручни лица, лицето треба да ги исполнува следниве општи услови: да има најмалку високо образование од соодветната област со стекната диплома со завршено четиригодишно високо образование или стекната диплома со 240 кредити според ЕКТС, со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната и да има најмалку седум години работно искуство во соодветната област за која е поднесено барањето.

Целиот текст на предлог измените можете да го превземете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико