Правдико

   

Предложени измени во Законот за јавен долг

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Законот за јавен долг го уредува управувањето со јавниот долг, намените на државниот долг, постапката и начинот на задолжување, постапката на издавање, сервисирање и престанување на државни гаранции, како и информирањето за јавниот долг. Законот ги предвидува надлежностите, мерките и ограничувањата во управувањето на долгот, а воедно осигурува негово следење, управување и навремено сервисирање.

Согласно постојното законско решение, во јавниот долг на Република Македонија не беше вклучен негарантираниот долг на носителите на јавен долг, додека политиката за управување со јавен долг претставуваше дел од фискалната стратегија.

Исто така, Законот за јавен долг не содржи лимит, односно ограничување на максималниот износ на задолжување кое може да се направи во текот на една фискална година. Во рамки на секојдневната примена на Законот за јавен долг констатирана е потреба за измена, доработување и/или прецизирање и на други одредби од законот, со цел нивно усогласување со реалните состојби, меѓународната пракса и препораките од меѓународните финансиски институции.

Измените кои се предлагаат произлегуваат од потребата за усогласување на Законот за јавен долг со меѓународната пракса и подобрување на системот за управување со јавни финансии и јавен долг.

Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на Законот.

Основни решенија на предложениот Закон се:
– Унапредување на процесот на управување со јавен долг,
– Изработка на стратегија за управување со јавен долг,
– Утврдување на лимит за максимално задолжување на државата во текот на една
фискална година,
-Подобрување на системот на издавање на согласности за задолжување без и со
државна гаранција, и
– Подобрување на процесот на он-лендинг задолжување.

Со членот 1 од Законот се врши дополнување на дефинициите во постојниот Закон за јавен долг. Потребата од внесување на нова дефиниција за “нето задолжување” произлегува од измената во член 18 од постојниот закон, која се врши со член 8 од овој закон. Исто така, дополнителното уредување на препозајмувањето на средства обезбедени со задолжување од страна на Владата на Република Македонија, наметнува потреба за дефинирање на постапката за препозајмување во рамки на дефинициите на Законот за јавен долг.

Со членовите 2 и 3 се предлага измена на Законот за јавен долг во насока на изработка на посебен стратешки документ за управување со јавниот долг наречен Стратегија за управување со јавниот долг, која ќе се изготвува за период од три години, а ќе ја донесува Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии најдоцна до 31 мај во тековната година. Издвојувањето на политиката на управување со јавниот долг во посебна Стратегија за управување со јавен долг е една од утврдените мерки во рамки на Програмата за реформа за управување со јавни финансии.

Исто така, со членот 3, се допрецизираат лимитите кои се утврдуваат со Стратегијата за управување со јавниот долг. Имено, со Стратегијата за управување со јавниот долг се утврдуваат следните лимити: висината на износот (лимитот) на јавниот долг на среден рок; максималниот износ на нето задолжување во првата година за која се однесува стратегијата; максималниот износ на ново издадени државни гаранции во првата година за која се однесува стратегијата и структурата на државниот долг. Овие лимити и досега беа дел од политиката на управување со јавниот долг, а со предлог измената на законот истите правно се прецизираат.

Со член 4 се врши измена во постојниот член 11, со кој поблиску се уредуваат и допрецизираат надлежностите на Министерството за финансии. Секојдневната примена на Законот за јавен долг покажала потреба за подобрување на одредбите и условите кои во пракса се покажале како недоволно прецизни или пак наметнуваат потреби за толкување.

Членот 5 воведува новина во целиот систем на управување со јавен долг, односно воведува лимит за задолжување кој Министерството за финансии кога ќе се задолжува во име на Република Македонија нема да смее да го надмине во текот на една фискална година. Лимитот кој што ќе се воведе е мерлив и транспарентен, и ќе се утврдува врз основа на податоци кои ќе бидат усвоени со Буџетот на Република Македонија (износ на дефицит и износ на долг кој достасува за рефинансирање во тековната фискална година) и во Фискалната стратегија која ќе биде во сила во истата година во која се извршило задолжувањето (рефинансирање на долг за наредните две фискални години). Годишниот лимит, во никој случај не се подразбира како таргет или износ на задолжување кое Министерството за финансии секоја година ќе го извршува, туку забрана да се задолжи за поголем износ. Задолжувањето и трошењето на средствата кои се обезбедени со задолжување и понатаму ќе се извршува во согласност со Буџетот и стратегијата за управување со јавен долг. Од друга страна, ваквиот пристап на две годишно пред финансирање остава флексибилност во управувањето со јавниот долг, креирање на депозит како заштита од краткотрајни неповолни услови за финансирање на финансиските пазари, а воедно осигурува и навремено и целосно сервисирање на обврските
од јавниот долг. Дополнително, согласно предлог иницијативата од правните експерти од Светска банка во член 12 од Законот за јавен долг се воведува нова алинеја со која посеопфатно ќе се дефинираат целите на задолжувањето, односно ќе се воведе алинеја за препозајмување (он – лендинг) на носителите на јавен долг.

Членот 6 пропишува рок на важење на согласноста за задолжување на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. Со измената на законот, согласноста ќе важи само во календарската година во која ќе биде издадена, од причина што лимитите за задолжување кои се утврдени во Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа се засноваат на тековно – оперативните приходи на општините од претходната фискална година. На ваков начин ќе се спречи општини кои добиле согласност за задолжување врз основа на остварен поголем износ на тековно – оперативни приходи, да склучат договор за заем и да креираат задолжување во година кога постои можност да не ги исполнуваат законските услови.

Со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста, Владата ќе ги утврдува финансиските услови по кои средствата обезбедени со позајмување ќе бидат пласирани на крајните корисници, при што во член 17 од Законот за јавен долг се додава нoв став според кој финансиските услови за препозајмување на средствата ги утврдува Владата. Овие услови може но и не мора секогаш да бидат идентични со условите по кои државата го обезбедила заемот. Со додавање на нов став во член 17 од Законот за јавен долг членот 17 став 3, се менува во член 17 став 4, при што со предложените нови измени во овој став министерот за финансии во име на Владата на РМ склучува договор за препозајмување со носителите на јавен долг, во кој се дефинираат условите под кои се позајмуваат средствата од заемот. Исто така, со претходните измени во член 17 од Законот за јавен долг, потребно е техничко дотерување, а во согласност со претходните измени на овој член.

Членот 8 го изменува и дополнува членот 18 од постојниот закон, со кој се уредува издавањето на државни хартии од вредност. Одлуката за максимален износ на задолжување која ја носи Владата на Република Македонија во пракса го утврдува нето задолжувањето, односно нето промената во долгот по основ на издадени државни хартии од вредност на домашниот пазар на капитал. Бидејќи станува збор за утврдување на нето задолжување, потребно е усогласување на законскиот основ со воспоставената пракса која е во линија со светската пракса и ставовите на меѓународните финансиски институции.

Членот 9 го дополнува постојниот член 20 и постапката за предвремен откуп на издадени државни хартии од вредност на домашниот и меѓународниот пазар на капитал, односно му дава право на Министерот за финансии да донесе одлука со која ќе ги утврди условите за вршење на предвремениот откуп, како активна мерка за управување со јавен долг и готовина. Дополнително, кога тоа ќе биде побарано како обврска за исполнување и усогласување на Министерството за финансии во постапки за предвремен откуп на хартии од вредност, Министерот за правда има законска обврска да издаде правно мислење во врска со правната важност на предвремениот откуп.

Членовите 10, 12, 13 и 14 од овој закон вршат идентична измена во соодветните членови од постојниот закон, односно пропишуваат рок на важење на согласноста за задолжување на носителите на јавен долг, и истата важи во календарската година во која е издадена.

Членот 11 исто така воведува новина во управувањето со јавниот долг, односно пропишува засилена контрола при издавање на државни гаранции. Ваквата активност претставува позитивен пример за управување со јавните финансии и намалување на фискалните ризици на Буџетот на Република Македонија. Членот предвидува услов, Владата на Република Македонија да може да издаде државна гаранција само на носители на јавен долг кои ќе бидат оценети како кредитоспособни согласно финансиските индикатори за анализа на финансиските извештаи и проценка на кредитоспособност на носителот на јавен долг. Министерот за финансии подетално и поблиску ќе го пропише начинот на вршење на анализа и примената финансиските индикатори и начинот на нивно вреднување во постапката за оценување на способноста на носителот на јавен долг самостојно и во иднина навремено да ги сервисира обврските кои ќе произлегуваат од задолжувањето обезбедено со државнa гаранција. На овој начин, ќе се овозможи поголема контрола и мерење на ризикот од потенцијално активирање на државните гаранции и импликациите врз Буџетот на Република Македонија. Дополнително е предвиден и исклучок кој ќе важи само за стратешки важни проекти за Република Македонија, за кои Владата на Република Македонија ќе има право да одлучи да издаде државна гаранција и покрај тоа што носителот на јавен долг ќе биде оценет како високо ризичен за издавање на државна гаранција.

Со членот 15 став 1 од предлог измените се утврдува рок во кој Годишниот извештај за управување со јавниот долг се поднесува до Собранието на Република Македонија за информирање и со тоа се зголемува отчетноста и транспарентноста во врска со информирањето за јавниот долг. Истовремено ваквата предлог измена е во согласност со иницијатива на група пратеници од 2017 година. Со ставот 2 од истиот член се утврдува дека Министерството за финансии ги објавува податоците за јавниот долг на својата веб страница на квартална основа, а истовремено се укинува обврската за објавување на податоците за долгот во Билтенот на Министерството за финансии со оглед дека повеќе не се изработува овој документ.

Членот 16 претставува преодна одредба и утврдува одложен рок за примена на членот 11 од Законот за измена и дополнување на Законот за јавен долг, во кој Министерството за финансии ќе треба да го усогласи своето работење и постапките за издавање на државна гаранција согласно финансиските показатели кои ќе се применуваат во постапката за проценка на кредитната способност на носителите на јавен долг.

Целиот текст на предлог занконот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико