Предложени измени во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во Република Македонија контролата на опојни дроги и психотропни супстанции е регулирана со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Во Законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции објавен во Службен весник на Република Македонија број 37 од 26 февруари 2016 година, регулирано е производството на конопот за медицински цели.
Во актуелните законски измени при дефинирањето на поимите не е направена јасна дистинкција помеѓу поимот коноп кој е за индустриска употреба и на поимот канабис кој се користи за медицински цели. Ваквото недефинирање при применувањето на законот дава потешкотии во регулирањето на надлежностите меѓу Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а економските оператори не беа во можност да ги обезбедат потребните дозволи и одобренија.
Имено, согласно актуелните законски одредби, подносителот на барањето до Министерството за здравство поднесува барање за добивање одобрение за одгледување на коноп кое содржи основни податоци за подносителот на барањето (назив на правното лице, седиште, седиште на локацијата на просторот/површината каде што ќе се одгледува конопот), доказ за запишување на правното лице во Централниот регистар на Република Македонија, доказ за сопственост на просторот/површината на кој/а се одгледува конопот или договор за закуп или имотен лист како, податоци за одговорното лице во постапката за добивање одобрение за одгледување на коноп (име и презиме, стручна подготовка, телефон), доказ за платена административна такса и платени надоместоци. Документацијата се доставува во оригинал, односно фотокопија заверена на нотар.
Исполнувањето на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за добивање на одобрение за одгледување на коноп го оценува посебна комисија формирана од министерот за здравство, составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија.
Одобрението за одгледување на коноп го издава Министерството за здравство во рок од 30 дена од денот на добиената согласност од Владата на Република Македонија. Министерот за здравство на предлог на директорот на Агенцијата за лекови, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија, ги пропишува поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува конопот.
Посебната Комисија ги разгледува барањата за исполнување на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за издавање на одобрение за одгледување на коноп и му дава предлог на Министерството за здравство за издавање одобрение за одгледување на коноп. Комисијата го одобрува елаборатотот/планот за одгледување на коноп; во периодот од сеење до берба на конопот, врши најмалку два пати контрола над одгледувањето на конопот; врши увид во извршената берба на конопот заради утврдување на собраните стебла; врши проценка на документацијата и евиденција на целокупниот процес на одгледување на конопот.
Од друга страна пак по однос на постапката за одобрение за сеење на коноп, согласно актуелните законски одредби, одобрението за сеење на коноп го издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 15 дена од денот на приемот на комплетното барање. Правното лице по добивање на одобрението за сеење на коноп од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, должно е пред започнување со сеење/садење на семето од коноп да го извести Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства и посебната Комисија. Во законското решение се уредува дека Комисијата, во периодот од сеење до берба на конопот, најмалку два пати ќе изврши контрола над одгледувањето на конопот.
Пред започнување со сеење/садење економскиот оператор има обврска да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за добивање одобрение за сеење/садење на коноп со кое треба да поднесе документ за сертифициран семенски/саден материјал како и елаборат/план за одгледување на коноп кој содржи податоци за начинот на одгледување на коноп и количество (број на семки, расад, стебла, влажна и сува маса на принос).
Меѓутоа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е во можност да го издаде одобрението за сеење/садење поради тоа што не постои документ за сертифициран семенски/саден материјал за коноп кој е наменет за медицински цели (Canabis Indica и Canabis Ruderalis).
Оттука со овој Предлог закон се прави динсктинкција меѓу надлежностите на овие две регулаторни тела на органите на државната упрва. Со регулирање на оваа проблематика ќе се стави крај на досегашната
сложена и конфузна постапка во корист на изборот – живот со подобар квалитет и позитивни прогнози за излекување.
Воедно ќе се направи дистинкција помеѓу поимот коноп и поимот канабис.
Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА