Предложени измени во Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/2015, 106/2015 и 153/2015), се предлагаат измени на одредбите од членот 2 во однос на изразите употребени во постојниот закон, допрецизирање на членот 7 кој се однесува на средствата остварени од користењето и располагањето со стварите во државна сопственост во однос на компензационите фондови. Исто така постојниот закон се дополнува со одредби кои овозможуваат пренесување на право на сопственост на недвижни ствари во сопственост на Република Македонија, на јавните претпријатија основани од државата, јавните установи основани од државата и трговски друштва во целосна државна сопственост и одредби кои го уредуваат начинот на изменување на одлуки на Владата на Република Македонија и раскинување на договори за закуп на недвижни ствари донесени согласно прописите што важеле до влегување во сила на постојниот Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.
Со членот 1 од Предлог-законотсе предлага изменување на членот 2 точката 3 алинеа 1 од постојниот закон во смисла, под недвижни ствари во државна сопственост што ги користат државните органи или правните лица основани од државата да се подразбираат и надворешните и кровни површини од згради како посебни делови од згради, инфраструктурни објекти и други објекти што како долгорочни средства се користат за извршување на работите и задачите во земјата и во странство. Ова од причина што недостигаше регулатива по која државните органи и правните лица основани од државата можат да ги даваат на користење надворешните и кровните површини од зградите што ги користат, на субјектите кои од тоа имаат потреба.
Воедно во точката 10 од членот 2 се допрецизира надлежноста на Комисијата за недвижни и движни ствари и со постапките за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад.
Членот 2 од Предлог-законот се однесува на измени во членот 7 од постојниот закон, така што по ставот 1 се додава нов став 2 со која одредба се предвидува обврска средствата остварени од продажбата, размената, закупот или давањето на користење на стварите стекнати во сопственост во извршна постапка за наплата на побарувања од должници или стекнати во сопственост во стечајна постапка на име на Министерството за финансии, по основ на одобрени кредити од Компензационите фондови, да бидат приход на наменските сметки на Компензационите фондови во Народна банка на Република Македонија. Ова од причина што во случајов се работи за недвижен имот т.е ствари стекнати по основ на присилна наплата на неизмирени обврски кон Компензационите фондови од странска помош и постои обврска за впаричување на овој имот, а средствата од продажбата да се користат за намените како што било договорено со размените на нотите како и по основ на наплата на даночен долг, а примарна обврска на државните органи кои ги администрираат приходите по тие основи е впаричување на средствата ( недвижни и движни) стекнати по основ на наплата.
Со членот 3 од Предлог-законот се предлага изменување на членот 13 од постојниот закон во насока на допрецизирање, на самиот член односно се создава можност сите недвижни ствари кои не се користат од државните органи и правните лица основани од државата како и недвижните ствари за кои не е запишано право на користење на државни органи и институции да се дадат на користење или да се пренесат во сопственост на општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, без оглед на тоа во каква состојба се тие објекти. Исто така во членот 13 се предлага дополнување на ставот (2) и (3) во насока на овозможување на пренесување на право на сопственост на недвижни ствари во сопственост на Република Македонија на јавните претпријатија основани од државата, јавните установи основани од државата и трговски друштва во целосна државна сопственост. Ова од причина што, станува збор за правни лица кои покрај тоа што во дел се финансираат и од државата, имаат и сопствени приходи и имот што го стекнуваат од тие приходи.
Во членот 18 став 2, членот 32, членот 38 став 2 и членот 52 од постојниот закон покрај овластениот проценител согласно Законот за процена се предвидува процените да ги врши и Бирото за судски вештачења, од причина што проценките на недвижните ствари за потребите на државните органи во пракса најчесто и ги врши Бирото за судски вештачења, а наспроти тоа се избегнуваат трошоци и постапки за спроведување на постапки за избор на овластен проценител ( членови 4, 7, 9 и 12 од Предлогот на закон). Со членот 5 од Предлогот на закон се дополнува членот 25 став (4) од постојниот закон во насока банкарската гаранција, за сериозност на понудата покрај тоа што треба да се достави електронски да биде доставена и во писмена форма.
Со членот 6 од Предлогот на закон се изменува членот 27 став 3 од постојниот закон во таа смисла што се пролонгира рокот за склучување на договорот за продажба со тоа што се предвидува обврска најповолниот понудувач во рок од 15 дена од приемот на писменото известување за избор да е должен да ги уплати средствата од постигнатата највисока продажна цена на недвижната ствар, а доколку не ги уплати средствата во овој рок нема да пристапи кон склучување на договор, банкарската гаранција ќе биде активирана и понудувачот во период од една година нема да може да учествува на секое идно наддавање за предметните недвижни ствари.
Воедно во ставот (4) се пролонгира рокот за склучување на договорот за продажба од пет на петнаесет работни дена по извршената уплата на цената на недвижните ствари, одговорното лице на државниот орган, корисник на недвижноста да склучи договор за продажба на недвижните ствари со најповолниот понудувач. Ова од причина што во праксата се покажа дека претходно предвидениот рок од пет работни дена беше краток за извршување на административните работи околу изготвувањето и склучувањето на договорот.
Во членот 10 се интервенира на тој начин што по членот 40 се додава нов член 40-а со кој се уредува можноста, договорите за закуп да можат да се раскинат врз основа на спогодба помеѓу договорните страни во писмена форма на која претходна согласност дава Владата на Република Македонија, а врз основа на направена проценка на вредноста на стварта од страна на Бирото за судски вештачења и претходно прибавено позитивно мислење од Државно правобранителство на Република Македонија.
Врз основа на оваа одредба, договорите за закуп на недвижни ставри ќе се раскинуват со Одлука на Влада и на тој начин ќе се избегнат судските постапки за раскинување на договорите и трошоците кои што настануваат во тие постапки. Со членот 11 се интервенира во членот 42 став (3) така што се додаваат два нова става (4) и (5) во смисла по спроведената постапка за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад, примопредавањето на движните ствари да се изврши врз основа на записник кој претставува основ за бришење на движните ствари од внатрешната евиденција на државниот орган, односно правното лице основано од државата, воспоставена согласно сметководствените прописи.
Со член 13 се интервенира во насловот на дел V од постојниот закон така што со истиот се прецизира дека делот V се однесува само на евиденција на недвижни ствари што ги користат државните органи. Со членот 14 се врши измена на членот 57 така што се предвидува обврска за Агенцијата за катастар на недвижности да воспоставува единствена евиденција врз основа на Единствен идентификационен број (ЕИБ) за недвижниот имот во државна сопственост и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата. Воедно во став (2) од член 14 се предвидува Владата на РМ на предлог од Агенцијата за катастар на недвижности по влегување во сила на овој закон да го утврди Единствениот идентификационен број (ЕИБ) за државните органи и правните лица основани од државата. Поради воспоставувањето на Единствениот идентификационен број (ЕИБ) од страна на АКН со член 15 од Предлог-законот се бришат членовите 58, 59, 60, 61, 62, 63 и 64 од постојниот закон кои се однесуваат на евиденцијата на недвижни ствари.
Со членот 16 се интервенира во членот 65 од постојниот закон и се додаваат два нови става со што се создава можност општините, општините во градот Скопје, градот Скопје да можат да поднесуваат барање до Државното правобранителство на РМ заради спроведување на постапка за запишување на правата на недвижностите во корист на Република Македонија во Катастар на недвижности. Истовремено се предвидува обврска за државните органи, правните лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје заедно со барањето до Државното правобранителство на РМ да доставуваат известување дека за недвижната ствар која е предмет на запишување не се води постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект.
Со членот 18 од Предлог-законот се предвидува можност во случај на промена на катастарски податоци и други податоци за стварите за кои е донесена одлука за давање на користење, одлука за престанок на правото на користење, одлука за престанок и давање на користење, одлука за пренесување во сопственост, одлука за размена и одлука за давање во закуп на недвижни ствари, а кои се донесени до денот на влегувањето во сила на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост (“Службен весник на Република Македонија“, бр.78/15, 106/15 и 153/15), да се применуваат одредбите од Предлог-законот . Со членот 19 се прецизира дека започнатите постапки за продажба на недвижни ствари до денот на влегувањето во сила на Предлог-законот, ќе завршат согласно одредбите на предложениот закон.
Со членот 20 се прецизира рокот во кој Агенцијата за катастар на недвижности ќе воспостави единствена евиденција врз основа на Единствен идентификационен број (ЕИБ) и рокот за донесување на подзаконскиот акт за утврдување на Единствениот идентификационен број. Во членот 21 од Предлог-законот се прецизира дека во случај на спогодбено раскинување на договорите за закуп на недвижни ствари во државна сопственост, склучени до влегување во сила на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост (“Службен весник на Република Македонија“, бр.78/2015, 106/2015 и 153/2015), ќе се применуваат одредбите од Предлог-законот.
Целиот текст на предлог законот можете да го превземете ТУКА