Предложени измени во Законот за музеите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Од досегашното искуство на применување на Законот, како и од направените анализи и консултации со надлежните установи и со другите засегнати субјекти во областа на музејската дејност, се наметна потребата за негова измена и дополнување заради надминување на слабости во дефинирањето на одредени поими, усогласување на одредбите од Законот со Законот за заштита на културното наследство, но и пропишување на одредени нормативни основи за подобра заштита на музејските предмети и музејскиот материјал.
Причини за проблемите кои е потребно да се надминат се следниве:
1. Со Законот за музеите е извршена дистинкција меѓу поимите „музејски материјал“ и „музејки предмет“. Притоа, согласно со Законот за музеите поимот „музејски материјал“ го подразбира движните добра што се прибавени од страна на музејот и се наоѓаат во постапка на идентификација, за разлика од поимот „музејски предмет“ кој подразбира движните добра што веќе се идентификувани и со нивното евидентирање во инвентарната книга стекнуваат заштита ex lege, заради што нивната заштита и користење се наоѓа под посебен правен режим, во согласност со Законот за заштита на културното наследство.
Досегашната примена на Законот покажа дека наведените дефиниции на поимите музејски материјал и музејки предмет се недоволно јасни и прецизни и создаваат забуна при неговата практична примена, заради што е потребно нивно предефинирање и да се изврши јасна дистинкција кога музејскиот материјал станува музејски предмет. Воедно, во дефинирањето на поимите музејски материја, односно музејски предмет потребно е да се утврдат и нумизматичките добра, како нов вид на движно културно наследство.
2. Потреба од усогласување на Законот со постојната мрежа на музејски установи. Имено, со Одлука на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 94/10), е формирана нова Национална установа „Археолошки музеј на Македонија“ – Скопје, со што Националната установа „Музеј на Македонија“ – Скопје престана да биде матична установа за археолошкото културно наследство. Од друга стана пак, Музејот на современата уметност во Скопје располага со богата меѓународна и национална збирка на дела од модерната современа ликовна уметност поради што се утврди дека истиот треба да има статус на матичен музеј за дела од современата ликовна уметност.
Оттука, треба да се изврши ново утврдување на надлежните матични установи за заштита на движното културно наследство, според видот на предметите.
3. Со Законот за музеите се регулирани и прашањата кои се однесуваат на поедини сегменти од вршењето на музејската дејност како што се и прибавувањето на музејскиот материјал и музејските предмети, чувањето на музејските предмети и ревизијата на музејските предмети.
Со цел за поголема и поефикасна заштита на движното културно наследство се утврди потребата од пропишување на обврска музејот да изврши претходна проверка на потеклото на музејскиот материјал и музејските предмети, понатаму да се пропишат нормативни основи за спроведување на превентивна и трајна заштита на музејскиот материјал и музејските предмети, преку точно дефинирање што опфаќа превентивната, а што трајната заштита на музејскиот материјал и музејските предмети, а наместо начинот на ревизијата да се определува со статутот или друг општ акт на музејот (како што беше досега регулирано со Законот за музеите), да се даде законски основ материјата за начинот на вршењето на ревизијата на музејските предмети да се регулира со подзаконски акт донесен од страна на министерот за култура.
4. Имајќи предвид дека со донесувањето на Законот за издавачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14), поголемиот дел од одредбите од Законот за задолжителниот примерок („Службен весник на Република Македонија” бр. 11/94; 92/08 и 47/11), престанаа да важат, а со Законот за заштита на културното наследство е уредено дека задолжителниот примерок е ex lege значајно културно наследство, се наметна потребата Законот за задолжителен примерок да престане да важи, а во Законот за музеите да се пропише нов член со кој ќе се утврди дека заради заштита, чување и користење на државните пари како задолжителен примерок, Народната банка на Република Македонија да доставува три идентични примероци од секоја нова државна пара (банкота и монета) на Националната установа –„Археолошки музеј на Македонија“-Скопје, пред нејзиното пуштање во промет.
5. Владата на Република Македонија, имајќи ги предвид анализите кои беа доставени од страна на Министерството за култура, донесе Заклучок со кој го задолжи Министерството за култура во Законот за изменување и дополнување на Законот за музеите да се регулира постапката за давање на стручно мислење за процена на оригиналноста на уметничките дела и другите предмети.
Оттука, се наметна потребата во Законот за музеите да се утврди постапката за давање на мислење за стручна процена на оригиналноста на уметничките и другите предмети, надлежните установи за негово издавање, рокот за издавање на мислењето, содржината на мислењето, како и други прашања со кои ќе се ругулира оваа постапка.
6. Анализата на Законот за музеите покажа дека, иако со законски основ, национален совет за музеите никогаш не беше формиран. Од друга страна пак, со Законот за заштита на културното наследство е утврдено дека заради следење, остварување и унапредување на заштитата и користењето на културното наследство се основа Национален совет за културното наследство како советодавно и координативно тело на Владата на Република Македонија. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/14), меѓу другото му се додаде и нова надлежност, односно да може да формира и посебни одбори за недвижно, движно и нематеријално културно наследство. Оттука потребно е од Законот за музеите да бидат избришани одредбите кои се однесуваат на националниот совет за музеите.
7. Со цел за усогласување со одредбите од Законот за заштита на културното наследство, потребно е во законот да се изменат одредбите кои се однесуваат на неизобрните и изборните стручни звања во музејската дејност. Односно, потребно е да се пропишат посебните услови за избор, односно реизбор во изборни стручни звања, да се утврди дека за стекнување на изборните стручни звања виш кустос, односно виш едукатор, потребно е покрај другите услови, да се полага и стручен испит, а за изборните стручни звања кустос советник, односно едукатор советник покрај работното искуство да се утврди дека истите треба да имаат и соодветен стручен придонес во работите од музејската дејност, да се пропише постапката за стекнување на изборните стручни звања.
Предлог измените можете да ги превземете ТУКА