Предложени нови измени во Законот за полиција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија” бр.114/06, 6/09, 145/12, 41/14 и 33/15), нормaтивно-правно се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.
Поаѓајќи од принципот на конзистетност на правниот систем, кој меѓу другото претпоставува прецизни нормативни решенија, Министерството за внатрешни работи пристапи кон допрецизирање на одредбите од Законот за полиција со кои се уредуваат прашањата за примена на полициските овластувања, особено употребата на технички средства за видео снимање. Имено, со членот 93-а предвиден со последните измени и дополнувања на Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/15), се уредува можноста Полицијата да употреби технички средства за видео снимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видео запис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници. Снимениот материјал треба да овозможи унапредување на степенот на основаност на преземените дејствија од страна на полициските службеници, со цел легитимно и соодветно постапување на припадниците на Министерството за внатрешни работи при примената на полициските овластувања утврдени со Законот за полиција.
Со видео записот на начинот на кој е преземено полициското дејствие ќе се спречи можноста од евентуални злоупотреби односно пречекорување на овластувањата од страна на полициските службеници, односно ќе се овозможи соодветно оценување на основаноста, оправданоста и легитимноста при примената на полициските овластувања, што секако е во функција на обезбедување повисок степен на заштита на човековите права и слободи. Снимениот материјал е предвидено да се чува во Полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој е предвидено да се постапува во согласност со закон.
Содржината на предметниот член произлегува од Проектот на Европската унија ,,Градење на капацитетите на институции кои што го спроведуваат законот за соодветен третман на задржани и притворени лица“, чија имплементација ќе се овозможи преку воспоставувањето формално-правна основа во Законот за полиција.
Во процесот на преземање на активностите за практична имплементација на членот 93-а од Законот за полиција, од страна на надлежните експерти беше укажано на потребата од допрецизирање на термините ,,видео снимање“ односно ,,видео запис“ со конкретно и нормативно прецизирање на ,,аудио“ сегментот, како и скратување на временскиот рок предвиден за чување на снимениот материјал во Министерството за внатрешни работи. Предложениот закон содржи решенија кои имаат за цел нормативно допрецизирање на решенијата предвидени во членот 93-а со што ќе се овозможи и нивна доследна практична имплементација. Со членот 1 од Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за полиција по скратена постапка, се врши изменување на насловот на точката ,,20. Употреба на технички средства за видео снимање“ на начин што по зборовите „средства за“ се додаваат зборовите ,,аудио и“.
Членот 2 од предложениот закон, предвидува ревидирање на членот 93-а во смисла на допрецизирање на техничките средства кои треба да бидат наменети освен за видео и за аудио снимање со што ќе се обезбеди не снимен материјал (аудио и видео запис). Воедно, во истиот член се предлага обврска за полицискиот службеник при користење на техничките средства за аудио и видео снимање да го извести лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио и видео снимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување. Во истиот член, предвидено е и ревидирање на временскиот рок утврден за чување на снимениот материјал и тоа од постојните шест месеци на 45 дена.
Предлог измените можете да ги превземете ТУКА