Предложени измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

celiac-discrimination1Законот за спречување и заштита од дискриминација обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори. Во членот 3 се содржани основите за дискриминација. Во досегашната примена на законот утврдено е дека недостасува “сексуална ориентација и родов идентитет“, како основа за дискриминација. Со измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација се предлага проширување на основите за дискриминација во членот 3, со зборовите “сексуална ориентација и родов идентитет,“.

Тоа ќе значи дека законот експлицитно ќе пропише забрана за „секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување“ врз овие основи. Со ова ќе се постигне целосно усогласување на македонското антидискриминациско законодавство со европското. На потребата од ова укажуваше и Европската Комисија во два последователни Извештаја за напредокот на Република Македонија во 2012 и 2013 година.

При разгледувањето на извештаите со овие констатации се согласи и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Македонија. Во нацрт-извештајот на работната група за Универзален периодичен преглед при Обединетите нации од 4 февруари 2014 година исто така се укажува дека постои законска неусогласеност со меѓународните стандарди за човекови права што државата ги има прифатено и ратификувано во домашниот правен систем.

Во своите Заклучоци за Третиот периодичен извештај на Комитетот за човекови права на ООН (каде РМ е членка) од 20 јули, 2015 година, Комитетот прецизно препорачува дека “Државата треба да го измени својот Закон за спречување и заштита од дискриминација со тоа што експлицитно ќе забрани дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“. Имено, нашата земја е потписник на повеќе стратешки мултилатерални документи и договори во кои експлицитно стои обврска за почитување и недискриминирање врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Тоа се документи поврзани со вработување, образование и сл. Последен таков документ што го ратификуваше нашето Собрание на 50 и третата седница одржана на 10 јуни 2015 година, беше Договорот за финансиска помош преку ИПА2 компонентата на ЕУ. Значи, ако споменатите термини сме ги прифатиле како држава за да добиеме финансиска помош од ЕУ, логично е да ги прифатиме и во Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде што треба да дадеме права за граѓаните кои се ЛГБТИ луѓе. Зашто, суштинската причина за дополнување на овој закон е реалната потреба за целосна заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија. Формално-правно, таа заштита и сега постои преку последните зборови во членот 3 од законот, каде стои дека се забранува дискриминација и врз „која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор“. Со овие зборови, законот е инклузивен и ги опфаќа сите можни основи за дискриминација, а Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) постапува и по таквите преставки. Но, самото постапување по овие преставки не значи и дека е обезбедена потребната заштита на ЛГБТИ луѓето 8 во земјата, ниту пак, дека соодветно е проценета состојбата на терен за потребата од афирмативна акција на ова поле.

Доказ за ова е фактот дека самото МТСП, во својата Национална стратегија за еднаквост и недискриминација како “национален документ, чија основна цел е да се подобри статусот на најранливите категории на граѓани во општеството и да се обезбеди континуиран развој во остварувањето на еднаквоста и недискриминацијата“ како “најранливи категории“ граѓани ги предвидело само групите кои се дискриминирани врз основа на етничка припадност, возраст, ментална и телесна попреченост и пол. Истовремено, во својот Извештај од Ноември, 2013 година, нотира дека “најголемиот ризик за нетолеранција е забележан во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата“, група луѓе која не е ниту спомената во националните стратегии за борба против дискриминација. Трансродовите лица пак, се соочуваат со огромни потешкотии и двојни стандарди при остварувањето на своите основни права, со што им се нарушуват правата на еднаквост, здравствена заштита и нега, како и слободата на движење, една од основните вредности на ЕУ.

Интерсекс лицата се раѓаат и третираат во еден правен вакуум, без соодветни стандарди на нега и без јасно дефинирани правила за третман. Поради непредвидувањето на овие две основи, КЗД нема обврска да обезбеди специјализрана обука за Комесарите во областа на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Премолчувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминациски основи значи неможност за градење на соодветна општествена реакција и на говорот на омраза и на повикувањето на насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето, што е честа појава во нашето секојдневие и кое во повеќе случаи резултираше со насилство против ЛГБТИ луѓето. Сепак, најзастрашувачкиот аспект на хомофобијата и трансфобијата во Македонија е стапката на дела од омраза сторени поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет (СОРИ) на жртвата и неказнивоста на сторителите на овие дела.

Во 2013 година, СОРИ беше втора стапка по застапеност и беше причина за 9% од делата од омраза. Во 2014 година, стапката на инциденти од омраза сторени поради СОРИ на жртвата беше трета со 10%. Меѓутоа, во 2014 година, 90% од инцидетите таргетираа поединечни членови на заедницата, а 10% беа насочени кон ЛГБТИ организации и активисти, за разлика од 2013 година, каде 60% таргетираа ЛГБТИ организации и активисти, а само 40 % беа насочени кон поединечни членови на заедницата. Во првите две години од своето отворање, ЛГБТИ центарот за поддршка и неговите активности беа мета на шест напади.

Само еден од овие напади беше третиран во судска постапка. Меѓутоа, дури и во тој случај, постапката пред Апелацискиот суд е се уште во тек, повеќе од две години подоцна, а сторителите се уште не се санкционирани. Врз основа на горенаведените аргументи, предлагаме да се промени јавната политика за дефинирање на целните групи кои Законот за спречување и заштита од дискриминација експлицитно ги штити од дискриминација, односно сексуалната ориентација и родовиот идентитет да бидат внесени како посебни заштитени дискриминаторски основи, согласно со Лисабонскиот договор и Повелбата за темелни човекови права и слободи на Европската унија.

Сметаме дека овој чекор е неопходен не само за доследна примена на принципот на недискриминација и за усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, туку и за јасно манифестирање на своите граѓани и на целата јавност дека Република Македонија е активно посветена на унапредувањето на човековите права, со што ќе се зацврсти и кредибилитетот на земјата пред целата меѓународна заедница, а особено во Советот за човекови права на ООН, каде таа членува. 9 При образложувањето на потребата од донесување на предложениве измени и дополни на законот, користени се консултации и материјали од следниве институции: Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка и НДИ – Национален демократски институт.

Препорачуваме

Партнери на Правдико