Предложени крупни измени во Законот за народниот правобранител | Правдико

Правдико

   

Предложени крупни измени во Законот за народниот правобранител

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

naroden-pravobranitel

Со донесувањето на предложените измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, се уредува материјата на:

– усогласување на Законот за народен правобранител со Париските принципи, со препораките на Групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото во Република Македонија, и Итните реформски приоритети за Република Македонија од Европската Комисија;

– воведување на промоција на човековите слободи и права како и зајакнување на мандатот на Народниот правобранител;

– овозможување на плурализам и зајакнување на независноста на институцијата; – разграничување на престанокот на функцијата по сила на закон и разрешувањето;

– усогласување со одредбите на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување;

– како и доуредување на областа “Средства за работа на Народниот правобранител” согласно обврските од ратификувањето на меѓународни документи;

Со предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител ќе се исполнат поставените критериуми за добивање статус А за Национална институција за човекови права.

Потребата од целосен мандат кој ќе вклучува промоција и заштита на човековите права е воедно нотирана и во Извештајот за напредокот на Република Македонија. Со предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител истовремено ќе се имплементираат и препораките на Групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото во Република Македонија, поврзани со следењето на комуникациите, како и имплементација на Итните реформски приоритети за Република Македонија од Европската Комисија.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител кој се донесе во 2009 година , во членот 45 се додаде нов став 2 кој гласи “ Народниот правобранител формира посебни одделенија за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби, одделение за заштита на граѓаните од дискриминација и тортура и друг вид на свирепо, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, како и одделение за правична и соодветна застапеност на граѓаните”. Со вака поставената законска одредба се создаде неусогласеност со Факултативниот протокол кој предвидува воспставување на механизам за превенција на тортурата на домашно ниво.

Во таа насока со предложените измени на овој Закон за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител се врши усогласување со меѓународно ратификуваниот документ за формирање на посебно одделение за превенција од тортура. Народниот правобранител во октомври 2011 година по поднесено барање за акредитација до Меѓународниот координативен комитет за Национална институција за човекови права доби статус Б. Со оваа акредитација институцијата се здоби со право да делува како национална институција за човекови права и да учествува на состаноците на другите институции, без право на глас. Согласно статусот се утврди дека институцијата делумно ги исполнува критериумите за Национална институција со статус А.

Во својата евалуација, Поткомитетот за акредитација утврди дека институцијата НП на Република Македонија има широк мандат за заштита, но не и мандат за промоција на човековите права. Иако го пофали НП за своите активности во промоцијата на човековите права, Поткомитетот побара да се овозможи поширок мандат кој ќе ја вклучи и промоцијата во себе. Со измените и дополнувањата кои се предлагаат во законот ќе се прошири мандатот на Народниот правобранител со вклучување на промоцијата на човекови права во правната рамка, односно во законот за Народен правобранител. На таков начин ќе се утврди дека Народниот правобранител ги промовира и ги штити уставните и законските права на граѓаните и на тој начин ќе се исполнат предусловите предвидени со Париските принципи.

Покрај потребата од вклучување на промоцијата во правната рамка со која се утврдува мандатот на Народниот правобранител, од страна на Поткомитетот беше побарано и воведување на плуралистички пристап во изборот на раководните функции во институцијата, особено во делот на изборот на заменици на Народниот правобранител. Во таа насока е дадена препорака за активно лобирање на институцијата за овозможување на јавен избор, зголемување на бројот на потенцијални кандидати со вклучување на поширок круг на социјални групи, сеопфатна консултација и овозможување на плурализам во составот на вработените. Воедно во доставените препораки се посочува за потребата од промовирање на независноста и јавната доверба на институцијата.

Од страна на Поткомитетот е дадена забелешка дека позицијата Народен правобранител не е јавно објавена, па во таа насока со прифаќањето на препораките, во предлогот се утврдува распишување јавен оглас за Народниот правобранител и неговите заменици. Со предложениот закон ќе се овозможи поголем плурализам во составот на замениците на НП и ќе се овозможи избор на заменици без предусловот истите да бидат само дипломирани правници. Независноста на институција која е потенцирана во евалуацијата на Поткомитетот за акредитација ќе се оствари преку изменувањето на одредбите за критериумите за разрешување и зацврстување на самата позиција на раководните функции во институцијата кој ги избира Собранието на РМ каде ќе се разграничи престанокот на функцијата по сила на закон и разрешувањето.

Со цел исполнување на Париските принципи меѓу другото потребно е да се обезбедат средства за реализација на мандатот на Националниот превентивен механизам, како и да се зајакне соработката со Меѓународниот систем за човекови права. Поткомитетот за акредитација укажа на исполнување на обврските кои произлегуваат од член 18 на Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура ,со кој се бара функционална и оперативна независност на Националниот превентивен механизам, како и обезбедување на потребните ресурси за функционирање на НПМ. Во таа насока со одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за Народен правобранител , во делот на средствата за работа ќе се издвојат средствата за функционирање на Националниот превентивен механизам преку утврдување на посебна буџетска програма. Со предложените измени се пропишува и соработката со Меѓународниот систем за човекови права преку активно поттикнување, оддржување, комуникација и известување за состојбите во полето на човековите права.

Предлог измените можете да ги погледнете ТУКА

Партнери на Правдико