Правдико

   

Предложени се измени во Законот за финансиската полиција

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција се заснова на истите начела согласно со кои е донесен Законот за финансиската полиција.

Предложените измени и дополнувања на Законот за финансиската полиција ги содржат следниве решенија:

Во делот на класификацијата на работни места на овластените службени лица во Управата за финансиска полиција се воведува нова категорија В на работни места: финансиски полицаец –службеник за прифат со четиригодишно средно образование, а согласно потребата утврдена во член 161 став 4 од Законот за кривична постапка каде се уредуваат прашањата кои се однесуваат на извршувањето на дејствија за спроведување на постапка за задржување на лица од страна на службеник за прифат.

Се бришат одредби со кои е уредена надлежноста на Управата за финансиска полиција за координација, иницијатива, поднесување на кривични пријави, размена на информации, организирање на обуки за лицата вклучени во системот на неправилности со цел заштита на финансиските интереси на Европската унија како надлежностите за изготвувањето и доставувањето на предлог стратегија за заштита на финансиските интереси на Европската унија, а во согласност со препораките од завршениот твининг лајт Проект ,,Поддршка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и нерегуларностите со фондовите на ЕУ’’.

Се менува став од членот од Законот кој предвидуваше обврска за познавање на англиски јазик преку поседување на уверение од меѓународна институција или меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор со што се врши примена на Одлуката на Уставен суд бр.74/2014 објавена на 29.06.2016 година. Истиот став се менува и преформулира.

Законот се дополнува со нови одредби со цел усогласување на статусот на финансиските полицајци со овластените службени лица вработени во Министерството за внатрешни работи, што е во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка каде е предвидено дека: “Правосудната полиција се  полициските службеници од: Министерството за внатрешни работи и припадниците на Финансиската полиција и со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривањето на кривичните дела”.

Зголемување и зајакнување на надлежностите на директорот на Управата.Оваа измена се  предлага со цел обезбедување независност и ефикасност во известувањето на законските надлежности. Со оглед дека станува збор за орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице, согласно  член 4 став 2 од Законот за финансиска полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2014, бр.43/2014, 33/2015, 27/2016 и 83/2018), неопходно е одговорното лице (како единствен законски застапник на Управата)  во истиот да ги донесува и потпишува актите кои произлегуваат од работењето како и актите неопходни за извршување на функциите на Управата.

За обезбедување на професионално, неутрално и непристрасно работење на овластените службени лица, при нивното вработување покрај што се применуваат критериумите за стручност и компетентност, Законот за финансиска полиција се дополнува и со воведување на услов за реализирање на приправнички стаж со цел зајакнување на кадровските политики.

Исто така, со Законот се врши дополнување на условите за вработување и со уште еден услов, и тоа во правец на обезбедување заштита од безбедносен ризик (ризик согласно член 40 став 3 алинеја 1 и 2 од Законот за класифицирани информации), така што при вработување на лице, се предвидува обврска за задолжителна безбедносна проверка на лице во фазата пред потпишување на Договор за работа, како предуслов за потпишување на договорот, што е во  согласност со член 35 од Законот за класифицирани информации (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2004, бр.113/2007, 145/2010, 80/2012 и 41/2014 ) .

Со Предлог – Законот за изменување и дополнување на Законот за јавно обвинителство се предвидува да се формира посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од ова произлезе измена и во Законот за финансиската полиција со цел надворешен механизам за контрола над работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција има за цел да се обезбеди непристрасност, објективност во постапувањето во случаите кога постои сомнение  дека се сторени кривични дела од страна на лицата со полициски овластувања  и  припадниците на затворската полиција, а со тоа и поголема заштита на човековите слободи и права. Освен тоа, потребата од постоење на независни, ефикасни механизми за контрола на работата на лицата со полициски овластувања произлегува од барањата на Европската Конвенција за човекови права и нејзиното прецедентно право, наодите на Европскиот комитет за превенција од тортура, мислењето на Комесарот за човекови права на Советот на Европа во однос на независното и ефикасното одлучување по жалбите против полицијата и другите меѓународни стандарди.

Со предложените решенија се врши  усогласување на Законот за финансиска полиција со Законот за кривична постапка, Одлука на Уставен суд бр. 74/2014 од 29.06.2016 година и усогласување на статусот на финансиските полицајци со овластените службени лица вработени во Министерството за внатрешни работи кои согласно Законот за кривична постапка ја сочинуваат правосудната полиција.

Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико