Предложени се нови измени во Законот за јавни набавки | Правдико

Правдико

   

Предложени се нови измени во Законот за јавни набавки

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobranieЗаконот за јавните набавки започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Во изминатиот период беа донесени повеќе измени и дополнувања со кои се извршија низа на прилагодувања и подобрувања на законскиот текст, а се воведоа и одредени новини согласно политиките на Владата на Република Македонија.

Една од покрупните новини беше воведувањето на Советот за јавни набавки, како организациски дел од Бирото за јавни набавки. Таквата поставеност на Советот беше неопходна со цел на истиот да му се обезбеди соодветна логистичка и стручна поддршка на почетокот од неговото основање. Сепак, истата создаде одредени предизвици од организациски аспект кои се надминуваат со овие измени и дополнувања на законот.

Предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки првенствено се со неколку основни цели:

– да се издвои Советот за јавни набавки како самостоен државен орган под директна надлежност на Владата на Република Македонија;

– да се воведе обука на стручните лица кои се запишани во Регистарот на стручни лица;

– да се воведат одредени олеснувања во примената на законот за договорните органи од член 4 став 1 точка д) од истиот.

Со членот 1 од Предлог – законот се интервенира во членот 14 став (1) алинеја 7 и се брише обврската за блокирање на користењето на Електронскиот систем за јавни набавки од страна на Бирото за јавни набавки на договорните органи кои не ги исполнуваат своите обврски за плаќање на надоместокот за стручните лица кои работеле на барањето за добивање согласност. Ова од причина што Советот ќе се осамостои како посебен државен орган.

Со членот 2 од предлог – законот се воведува нова глава II-a и 16 нови членови од 14-б до 14-н со кои се предвидуваат одредбите за Советот за јавни набавки кои до сега беа пропишани во членот 14 како дел од надлежностите на Бирото за јавни набавки. Самите одредби од содржински аспект се слични со постојните одредби, а потребата од нивно издвојување од членот 14 е во фактот дека Советот се конституира како самостоен државен орган, издвоен од Бирото за јавни набавки.

Новина во овие одредби е обуката која се воведува за стручните лица, која Советот ќе ја искористи да се подобри нивното постапување при давањето мислења за барањата за добивање согласност. Исто така, при одлучувањето на Советот по трет пат по исто барање согласност, се предвидува само можност истиот да покани стручни лица кои давале мислење првиот и вториот пат по случаен електронски избор, за разлика од постојното законско решение каде истото претставува обврска. Останатите одредби од содржински аспект не се разликуваат суштински.

Целиот текст на предлог измените можете да го превземете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико