Преговори: Сега се проблем и парите за кампања | Правдико

Правдико

   

Преговори: Сега се проблем и парите за кампања

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Партиите се’ уште се договараат околу изборната регулатива, иако крајниот рок за преговори заврши уште минатата седмица

1F4D4D98C3423C43A05B7ACF81EAAB6E

Партиите попладнево повторно седнаа на маса во Клубот на пратеници во нов обид да ги финализираат преговорите околу изборната регулатива, откако претходниот доживеа фијаско.

Според информации од СДСМ, уште на почетокот на средбата странските олеснувачи го ставиле на маса предлог-законското решение. Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ побарале пауза за дополнителни консултации, по што воопшто не се вратиле во салата за разговори. Другите ги чекале во надеж дека ќе се вратат, а некаде околу 2 часот по полноќ си заминале. Од тие причини од СДСМ не беа оптимисти дека и вчера ќе се постигне договор.

Засега партиите успеале да се договорат само околу избирачкиот список, но остануваат отворени преостанатите прашања. Главно се спори околу гласањето на дијаспората како и воспоставување на принципот на еднаквост при претставувањето во изборната кампања.

Меѓународните претставници дале предлози кои се во линија на препораките од ОБСЕ и ОДИХР. Првиот е воведување цензус со постоечките избирачки единици, така што пратеник во дијaспората да се избира со извесен процент од бројот на гласови потребни за пратеник во Македонија, а вториот предлог бил иселениците да гласаат за пратеничките листи во земјава, а гласовите да се слеваат во матичните единици од каде што потекнуваат.

На маса е ставено и прашањето за буџетите на партиите, односно колку пари тие може да потрошат во изборната кампања. Пресметките покажале дека владејачката партија потрошила повеќе од половина во однос на СДСМ. Сега, наводно, се барало и намалување на парите по гласач што една партија може да ги потроши, или поточно од 180 денари за гласач, сумата да се сведе на помалку од половина.

Се’ уште нема договор ниту за надлежностите на Државната изборна комисија. СДСМ демантира дека го поддржале предлогот на претставниците на албанскиот блок за користење на „Бадентер“ при гласањето во ДИК. Според нив, договорено е ДИК да гласа со апсолутно мнозинство, а се разгледувале одредени заштитни механизми, кои овозможуваат одредено барање да се разгледа повторно.

Рокот, поставен со договорот од Пржино, за измени во изборното законодавство истече на 6 октомври. Оттогаш траат поединечни и групни преговори, но партиите не можат да се договорат околу повеќе точки кои го опфаќаат гласањето, а следат уште важни обврски. Утре, на пример, истекува рокот кој го постави еврокомесарот Јоханес Хан за регулирање на медиумската сфера.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, ја пренесе пораката на загриженост на Хан. „Комесарот Хан многу внимателно ја следи имплементацијата на политичкиот договор во Скопје. Тој е целосно во тек со моменталните одложувања во донесувањето одлуки за клучните прашања. Тој е загрижен дека некои од роковите што се договорени од страна на политичките лидери не се исполнети. Потребно е итно да се направи напредок за носење на одлука во врска со изборните реформи и воспоставување на Државната изборна комисија и да се обезбеди правилно функционирање на канцеларијата на Специјалниот обвинител и формирање на Анкетната комисија“, порача Коцијанчич.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико