Прекинат бојкотот на машиновозачите | Правдико

Правдико

   

Прекинат бојкотот на машиновозачите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Независниот синдикат вчера одлучи да го прекине бојкотот, иако раководството на МЖ „Транспорт“ одби да ги исполни поставените барања.

4D107A164C122346A013B1599F7E85B5

Машиновозачите го прекинаа бојкотот кој траеше една недела. Железничкиот сообраќај не беше во прекин и за време на бојкотот што го организираше Независниот синдикат на машинскиот персонал, бидејќи возовите ги управуваа членовите на другите два синдиката на машиновозачи.

Машиновозачите се одлучија за бојкот откако во петокот раководството почна да им дели решенија за суспензија, а платата им беше намалена за 50 отсто. Независниот синдикат вчера одлучи да го прекине бојкотот иако раководството на МЖ Транспорт одби да ги исполни поставените барања. Дел од членовите на Синдикатот биле против тоа да се прекине бојкотот, но, сепак, мнозинството гласало за прекин.

„Решенијата нема да важат. Тоа е договорено усно со директорот на Влеча на возови, Сашко Ангеловски и решенијата кои веќе беа подигнати, беа скинати тука пред сите нас. Доколку на листата за плата платната се види дека некој е санкциониран или казнет, односно, ако раководството не го исполни договорот, бојкотот ќе биде активиран за 15 минути“, рече Душко Чакаровски, претседател на НСМПМ.

Тој појасни дека Независниот синдикат не се откажува од барањата за зголемување на надоместоците на машиновозачите за ноќна работа и за работа за време на празник и викенд. Овие барања не беа опфатени во колективниот договор, кој пред два дена го потпишаа директорот на МЖ Транспорт, Никола Костов и другите синдикати во претпријатието. Тогаш Костов рече дека текстот на Колективниотдоговор е усогласен со Општиот колективен договор и ги нуди максималните коефициенти за вработени во однос на прекувремената работа, работа на празник и ноќниот труд и појасни дека со тоа машиновозачите ќе добијат коефициенти како и другите вработени во јавниот сектор и ако има промена во Општиот колективен договор, ќе има промена и за вработените во Железницата.

„Еден дел од машиновозачите бараат зголемување на коефициентите над дозволените во Општиот колективен договор, а ние тоа не можеме да го направиме бидејќи не смееме да одиме надвор од овие рамки и надвор од законите“, рече Костов за барањата на Независниот синдикат на машинскиот персонал кој е еден од трите синдикати на машиновозачи и брои 62 члена.

„Разговорите ќе течат и понатаму и ќе зависат од носењето на Општиот колективен договор за јавниот сектор. Откако тој ќе се донесе, ќе видиме што ни следува по закон и ќе продолжиме со нашите барања“, вели претседателот на НСМПМ, Чакаровски.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико