Преку Фин Хакатон Буџетот на РМ ќе добие веб – апликација | Правдико

Правдико

   

Преку Фин Хакатон Буџетот на РМ ќе добие веб – апликација

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Преку веб апликација, видео и мултимедијална игра, Министерството за финансии ќе го направи Буџетот на РМ уште подостапен и транспарентен за граѓаните. Натпреварувачите на Фин Хакатонот, кој го организира Министерството во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, во рок од 48 часа од петок до недела ќе треба да ја исполнат оваа задача. Фондот за награда ќе биде 1,5 милиони денари.

Она што е примарно за Владата е да биде транспарентна за тоа каде одат државните пари, односно како се трошат парите на граѓаните. Буџетот на РМ претставува најсеопфатен документ на проектите и политките кои ги спроведува Владата. Затоа овој Фин Хакатон е посветен токму на Буџетот на РМ. Граѓанскиот буџет добива нова форма, многу попристапна и поразбирлива за јавноста. Во апликацијата, видеото и играта ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат, на начин приемчив за граѓаните.

-Најдобрите идеи доаѓаат од народот. Во овој случај граѓаните ќе креираат апликација, видео и игра кои ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните. Ќе го употребиме нивното видување за буџетот да стане поразбирлив и подостапен за сите – рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој посочи дека имало голем интерес за пријавување на Фин Хакатонот.

На Фин Хакатонот учествуваат 7 тима натпреварувачи во групи од 3 до 6 лица – програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер. Тие за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение. Во недела жирито ќе избере најдобри предлози. Во жирито ќе бидат претставници на Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој, како и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти.

Ова е првпат која било институција во Македонија да организира ваков настан. Хакатонот е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, да работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема.

Препорачуваме

Партнери на Правдико