Албанија им пресуди на девет исламисти
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судот во Тирана осуди девет лица, меѓу кои и тројца муслимански свештеници, на затворска казна до 18 години, поради регрутирање на борци за учество во граѓанската војна во Сирија.
Пресудата го означи крајот на двегодишниот судски процес, кој укажа на загриженоста во врска со радикализација меѓу муслиманите во Албанија и во другите балкански земји, пишува Ројтерс, додавајќи дека судскиот процес внимателно беше следен од страна на Американците, сојузници на Тирана во НАТО.
Деветемината осудени одбија да станат кога судијката Лилјана Баку ја прочита пресудата. Тие, исто така се однесувале и во текот на целиот процес, тврдејќи дека ја признаваат само волјата на Алах.
Тројцата имами – Бујар Хиса, Генци Бала и Герт Пашја, беа прогласени за виновни за регрутирање на луѓе за терористички цели, поттикнување на омраза и правење на јавни повици за терористички акти. Хиса е осуден на 18 години затвор, а останатите двајца на 17 години.
Тие држеле проповеди во џамиите, кои не биле под контрола на официјалниот муслимански одбор и се верува дека регрутирале повеќе од стотина Албанци, кои се проценува дека заминале во Сирија, некои и заедно со семејствата, да се борат во редовите на милитантните групи.
Останатите шест беа прогласени за виновни по истите обвиненија, но беа осудени на пократки затворски казни.
Кога судијата ја прочита првата пресудата , се слушнаа извици со зборовите “Алах акбар”, но брзо беа замолчени по заканата дека ќе бидат исфрлени од судницата.
На сослушувањето во декември, еден од осудените Фадил Муслимани, готвач во џамијата, рече дека групата е лојална на Исламската држава, и тој се надева дека ќе победат џихадистите во Сирија и во светот.
“Ова судење е крстоносна војна против исламот. Комунизмот е мртов, демократијата ќе згасне и исламот ќе победи”, рече Муслимани.
Тој доби пресуда од 12 години затвор.