Правдико

   

Пресуда за Зоран Милевски – Кичеец утре напладне

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Пресуда за третообвинетиот Зоран Милевски  во предметот „Рекет”, на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по признанието на вина ќе биде објавена утре напладне.

Претходно обвинителката и неговите адвокати ги изведоа само доказите кои се однесуваат на казната.

„Целосно се докажа дека го сторил делото за кое беше обвинет. Предлагам судот да му изрече казна ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности“, рече Вилма Русковска во завршниот збор.

„Обвинетиот кој имал шанса како сведок да го избегне обвинението, тој се довел во ситуација да биде обвинето лице и од тој момент активно не бил соработник. Мора судот да има предвид дека не се работи за јавна личност. Тој е бизнисмен, вработен во компанијата на човекот кој го пријавил ова кривично дело“, рече неговиот адвокат Александар Новаковски.

Неговиот адвокат рече дека Милевски е татко на пет малолетни деца за кои треба да се грижи, има болен татко и претходно не е осудуван и побара условна осуда, а имал и здравствени проблеми.

Милевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание за која е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната.

За останатите обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски постапката продолжува в петок, на 6 декември. Јовановски е обвинет исто така за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.

Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.

Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико