Правдико

   

Пресудата за Караџиќ би можела да биде пресвртница во БиХ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Eкспертите и официјалните претставници велат дека пресудата за Караџиќ би можела да помогне да се обедини БиХ.

A98C580C-C25C-4A12-88A7-CD113D7E6484_cx0_cy5_cw0_mw1024_mh1024_s

Жртвите се надеваат на правична пресуда во неодамна завршениот судски процес против осомничениот воен злосторник Радован Караџиќ, кој експертите велат дека може да го подобри односот меѓу двата ентитети во Босна и Херцеговина (БиХ).

Караџиќ, кој беше претседател на Српската република во БиХ за време на војната, подоцна наречена Република Српска (РС), е највисок официјален претставник, покрај српскиот претседател Слободан Милошевиќ, кому му се судеше во Хаг. Караџиќ ја негираше одговорноста за злосторствата извршени за време на конфликтот.

Обвинението од 11 точки издадено во мај 2000 година, со кое е заменето првичното обвинение издадено во јули 1995 година, го товари Караџиќ за повеќе воени злосторства против несрпското население, вклучително и истребување, убиства, незаконски напади на цивили, прогон, депортација, нехумани дела, тероризирање и земање заложници.

Tој се соочува по две точки за геноцид, за 44-месечната опсада на Сараево и масакрот во Сребреница во 1995 година, најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна.

Во војната во БиХ, која траеше четири години, загинаа 100.000 луѓе, а повеќе од еден милион ги напуштија своите домови. Мунира Субашиќ, претседателката на Здружението „Мајките на енклавите Сребреница и Жепа“, изјави за SETimes дека жртвите очекуваат Караџиќ да биде осуден на затворска казна.

„Го следиме ова судење со големо внимание. Очекувам дека пресудата ќе биде фер и мислам дека ќе биде осуден не само за геноцидот во Сребреница, туку и за сите злосторства кои ги извршија неговите сили на територијата на БиХ. Во пресудата мора јасно да се прецизира дека тој е виновен за воени злосторства и геноцид“, рече Субашиќ.

Обвинителите во судот поддржан од ОН побараа доживотна казна затвор за поранешниот водач.

Караџиќ на 3-ти октомври рече дека судот треба да ја препознае вистината и да го ослободи од одговорноста за злосторствата за кои е обвинет.

„Ме интересира само вистината, а вистината ќе ме ослободи од секоја одговорност, освен од моралната одговорност, бидејќи ми е жал за сите“, рече тој.

Официјалните претставници сметаат дека ова би можело да биде пресвртница во односите меѓу двата ентитети во БиХ.

„Ова е многу важна пресуда за земјата“, рече за SETimes Мирсад Ѓонлагиќ, пратеник во парламентот на Федерацијата на БиХ. „Оваа пресуда треба да биде нов повик за дијалог меѓу ентитетите во БиХ и сите треба да ја прифатат како вистина и како реалност. Од клучна важност е локалните политичари да ја прифатат пресудата како реалност и така да му ја презентираат на народот. Помирувањето во БиХ не е лесен и едноставен процес, но мора да се почне од нешто.“

Но, Мухамед Џемиџиќ, директор на Хелсиншкиот комитет во БиХ, рече дека Хашкиот суд делумно не успеа да ја исполни својата обврска кон БиХ и нејзиниот народ.

„Сигурно ќе има затворска казна во случајот на Караџиќ, но тоа ќе биде како секоја друга казна за воени злосторства досега. Домашните политичари дополнително ги подгреваат ваквите чувства со нивната националистичка реторика. Затоа и мислам дека овaа политичкa гарнитура тешко може да ги релаксира односите меѓу народите што живеат во БиХ“, рече Џемиџиќ за SETimes.

Граѓаните на Сараево очекуваат дека судот ќе го казни Караџиќ за тоа што го држеше градот под опсада повеќе од две години. „Немаше електрична енергија, храна, вода. Бомби експлодираа секој ден, а снајперите нѐ држеа затворени во подрумите повеќе од две години. Резултатот беше: повеќе од десет илјади мртви во Сараево. Сега изгледа потполно нереално дека може да се случи такво нешто на сред Европа. Сите знаат дека Караџиќ и неговиот главен генерал [Ратко] Младиќ се виновни за тоа“, рече за SETimes Нијаз Рамадани, социолог од Сараево.

Судењето на Караџиќ започна во 2009 година, откако тој беше уапсен во Србија и му беше предаден на Хашкиот суд по повеќе од една деценија во бегство. Пресудата се очекува да биде изречена во летото 2015 година.

Извор: SETimes

Партнери на Правдико