Правдико

   

Претпоставки за ништовност на договорите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

lau-fig06_003Според Законот за облигационите односи договорот кој не е во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи е ништовен, ако целта на повреденото правило не упатува на некоја друга санкција или ако со законот во определениот случај не е предвидено нешто друго. Оттука секоја повреда на уставот или законите без оглед на тоа од која правна гранка произлегуваат доведува до ништовност.

Ништовноста исто така се применува ако целта на повреденото правило не упатува на некоја друга санкција или ако со законот во определениот случај не е предвидено нешто друго, така лихварскиот договор на пример по правило е ништовен, но ако оштетениот бара да се намали неговата обврска на справедлив износ, судот ќе го дозволи таквото барање ако етоа можно, па во тој случај договорот со соодветната измена останува во сила.

Ако склучувањето на определен договор и е забрането само на едната страна, договорот ќе остане во сила ако во законот не е предвидено нешто друго за определениот случај, а страната што ја повредила законската забрана ќе ги поднесува соодветните последици. Обично ваквите прописи се однесуваат кај работењето во промет со стоки и услуги, а посебно се оние со кои се заштитуваат потрошувачите. Целта им е да се заштитат потрошувачите од несовесното работење на определени субјекти, и за тоа не се предвидува поништување на склучените договори бидејќи тоа би можело да предизвика правна несигурност, особено ако се има во предвид дека се работи за договори што се исцрпуваат со еден акт, а потоа нивното дејство престанува.

Од судска пракса:

– Околност дека договорот е раскинат, не е пречка дополнително да се утврдува неговата ништовност.

– Ништовен е договорот склучен помеѓу странките за физичка делба на куќа и дворно место која е неделива ниту по хоризонтала ниту по вертикала и притоа не можат да се добијат реални делови во етажна сопственост, кои ќе преставуваат градежна целина со одделен влез.

Во случај на ништовност на договорот секоја договорна страна е должна да и го врати на другата сето она што го примила врз основа на таквиот договор, а ако тоа не можно, или ако природата на она што е исполнето му се спротивставува на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари, според цените во време на донесувањето на судската одлука, доколку законот не определува ништо друго.

Оттука како последица од ништовноста на договорот е тоа дека договорните страни не можат да бараат исполнување на договорот доколку до тогаш не е исполнет договорот, а доколку е исполнет секој е должен да го врати тоа што го примил од другата страна по основ на тој договор односно се воспоставува поранешна состојба – restutio on integrum. Договарачот кој е виновен за склучувањето на ништовен договор му одговара на содоговарачот за штетата што ја трпи поради ништовноста на договорот, ако овој не знаел или според околностите не морал да знае за постоењето на причината за ништовност. Штетата може да се состои во трошоци за склучување на договорот, во одбиените понуди за склучување на други договори, во изгубена добивка итн.Ако двете страни се виновни за ништовноста на договорот немаат право да бараат надомест на штета.

Делумна ништовност

Ништовноста на договорот не мора да се однесува на целиот договор, таа може да биде и делумна. Така ништовноста на некоја одредба на договорот не повлекува ништовност на целиот договор, ако тој може да опстане без ништовната одредба и ако таа не била ни услов на договорот ни решавачка побуда поради која е склучен договорот. Договорот ќе остане во сила дури и ако ништовната одредба била услов или решавачка побуда на договорот во случај кога ништовноста е установена токму за да биде договорот ослободен од таа одредба и да важи без неа.

Конверзија на договорот

Кога ништовниот договор ги исполнува условите за полноважноста на некој друг договор, тогаш меѓу договарачите ќе важи тој друг договор, ако тоа би било во согласност со целта што ја имале предвид договарачите кога го склучиле договорот и ако може да се земе дека тие би го склучиле тој договор да знаеле за ништовноста на својот договор.Тоа се нарекува конверзија на договорот. Најпрво потребно е ништовниот договор објективно да ги исполнува условите за полноважност на некој друг договор кој што би бил полноважен , така што страните и со тој договор да можат да ја постигнат целта што ја имале предвид кога го склучувале ништовниот договор. Доста важен услов е страните да биле совесни  и да незнаеле за ништовноста на договорот. Во секој случај судот ќе одлучи дали конверзијата може да настане или не.

Ништовниот договор не станува полноважен кога забрана или некоја друга причина за ништовноста дополнително ќе исчезне.Ако забраната била од помало зналење, а договорот е извршен, ништовноста не може да се истакнува.

Кој може да истакне ништовност?

Најпрво на ништовност може да се повикува едната или другата страна на договорот. На ништовноста судот внимава по службена должност и на неа може да се повикува секое лице кое има правен интерес. Под лица кои имаат правен интерес секогаш се подразбираат трети лица. Тоа се оние лица кои по огласувањето на договорот за ништовен, би се нашле во поповолна положба , отколку што тоа е случај кога договорот  би останал на сила. Право на поднесување на тужба за огласување на договорот за ништовен има и јавниот обвинител доколку се штити јавниот интерес.

Правото на истакнување на ништовноста не се гаси. Оттука ништовноста може да се истакнува без оглед колку време поминало откога договорот е склучен.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Рушливи договори и нивно поништување

Партнери на Правдико