При крај истрагата за кражбата во музејот | Правдико

Правдико

   

При крај истрагата за кражбата во музејот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Обвинителството ги очекува двете вештачења за оригиналноста на артефактите, по што ќе биде поведено обвинение

muzej-na-makedonija-454x272

Кривичната истрага, која се води за седуммина вработени во Музејот на Македонија и за еден златар од Скопје, е пред затворање. Обвинителство ги презело речиси сите потребни дејствија за затворање на кривичната истрага и покренување на обвинение.

„Истрагата финишира. Чекаме да ни бидат доставени двете вештачења кои ги побаравме, по што истрагата ќе биде затворена“, вели за „Утрински весник“, скопската Јавна обвинителка Гордана Ѓешкоска.

Според обвинителката, станува збор за две вештачења кои се однесуваат на запленетите артефакти и на монетите. Во првиот случај, вештите лица утврдуваат кои од запленетите предмети се вистински артефакти, а кои се реплики. Со второто вештачење треба да се утврди вредноста на монетите кои биле изнесени од државниот Музеј.

Пред само неколку дена на осомничените, со решение, им беше продолжена мерката притвор за нови 30 дена и, како што сега стојата работите, повеќе од извесно е дека тие нема да бидат ослободени се’ до започнување на судскиот процес.

Скандалот со исчезнатите археолошки предмети беше обеделоденет на почетокот на минатиот ноември, кога вработени во Музејот на Македонија, за време на селењето на оваа установа во нивиот објект, забележале дека недостасуваат вредни предмети. Полициската истрага, односно со предистражаната постапка покажа дека од Музејот на Македонија биле изнесени вредни предмети кои имаат непрценливо културно-историско значење за државата. Меѓу оние кои беа осомничени за кражбата на предметите се најдоа актуелниот и поранешниот директор на Музејот, но и пензионираниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, како еден кустос, раководител на депото, програмски директор и златар.

Полицијата пронајде мал дел од исчезнатите предмети, односно беа пронајдени керамички икони, ламби, монети, сребрени и бронзени фигури, дрвена маска и стрела, археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик. Токму овие предмети се предмет на вештачење, а се’ со цел да се утврди дали се работи за оригинали или реплики. Претпоставките се дека со незаконски откуп на монети државата била оштетена за 40.000 евра.

Автор: Љубиша Станковиќ

Извор: Утрински

Препорачуваме

Партнери на Правдико