При влез во ресторан ќе се покажува лична карта, а следните 10 дена се период за едукација на угостителите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Инспекторатите нема да ги казнуваат гостите во угостителските објекти, туку фирмите доколку не се почитуваат протоколите за работа, најави директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Тој рече дека угостителите ќе бидат одговорни да бараат и лични карти од гостите за да видат дали се од исто семејство, а со тоа да ги сместат на маса со четири стола. Казнувањето ќе почне по 10-дневната едукација, која ја најави претседателка на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, но доколку се забележи дека и по едно укажување на угостител, тој повторно прави прекршок, тогаш ќе се казни веднаш.
„Контролата ќе биде насочена кон кафетериите и угостителската дејност. Дали има двајца или четворица на маса, сигурно дека тоа е одговорност на оној што треба да ги спроведува протоколите, а тоа се тие што вршат угостителска дејност. Инспекторите се тие што, по укажувањата, постапуваат и преземаат соодветни мерки. Од нашата свест и совест ќе зависи дали ќе се олеснуваат мерките. Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти, тие се одговорни да им даваат соодветни места на оние што ќе дојдат во нивните објекти и тие треба да ги преземаат мерките кон протоколите. Келнерот, односно газдата на угостителскиот објект, е тој што треба да ги спроведува протоколите. Инспекторите нема да ви бараат лична карта бидејќи ние вршиме контрола на угостителите“, рече директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Целта на одложеното казнување е на секој угостител да му се укаже дека постои протокол и мерки што мора да се почитуваат, рече Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.
„Планирано е во наредните десетина дена, од денес до крајот на наредната недела, овие тимови да вршат информативни посети и да ги едуцираат угостителските објекти. Се надевавме дека тоа е доволен период да се известат сите, па ако треба, ќе се продолжи. Целта е еднаш на секој угостител да му се укаже и образложи протоколот и доколку се забележи дека и покрај укажувањата, тие не ги почитуваат, тогаш нормално е дека ќе има казни. Фокусот за почеток е да им се објасни на сите угостители кои се мерите и што е тоа што мора да го почитуваат“, истакна Филиповска-Грашкоска.
Извор: Макфакс