Придонесот за пензиско се замрзнува на 18 отсто
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Стапката на пензискиот придонес нема да се менува. Иако, според владините проекции, в година овој социјален придонес требаше да се намали на 17,6 отсто, сепак пензиското осигурување ќе се замрзне на 18 отсто, колку што изнесуваше во последните две години. Парламентот вчера усвои и законски измени кои ги предложи Владата и Министерството за финансии со кои нема да се намали висината на пензискиот придонес за 0,4 отсто од идната година. Образложението на Владата е дека треба да се стабилизираат приходите во пензиската каса, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување. Ова е наведено во објаснувањето зошто стапките на социјалните придонеси остануваат на 18 отсто за пензиско и на 7,3 за здравствено осигурување.
Најавувајќи ја оваа мерка, првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Беким Незири неодамна во интервју за „Утрински весник“ истакна дека тоа е првиот механизам што го иницирале за да се запре растот на дефицитот во пензиската каса, кој годинава според ревизорскиот извештај достигна до 22 отсто од буџетот на Фондот. Како што објасни Неизири, ова замрзнување е на една година. Тој се активира и како алтернативно решение ако в година не дојде до зголемување на соодносот пензионер – вработен на 1,95, а кој сега изнесува 1,8 вработени да работат за еден пензионер. ПИОМ побарал да се замрзне стапката на пензискиот придонес, бидејќи во регионот нема држава со толку низок пензиски придонес. Во Словенија процентот на пензиски придонес е 23 отсто, во Србија се плаќа 20 отсто, а во Хрватска 21 отсто.
Незири, сепак, негира дека политиката да се намалуваат социјалните придонеси е погрешна и додава дека се’ додека има позитивни ефекти врз стапката на вработување има логика во тоа.
„Будно го следиме дефицитот и постојано работиме на алтернативни решенија и правиме анализи кои се позитивните и негативните ефекти од намалувањето на придонесите. Па, ако позитивните ефекти се поголеми во макроекономската политика на државата, тогаш тој чекор е добар. Ако пред три години соодносот бил 1 пензионер на 1,6 вработени , а сега е на 1,8 ,тоа значи дека макроекономските параметри во државата се исполнуваат. Со намалување на пензискиот придонес има домино-ефект, се зголемува бројот на вработени, се привлекуваат инвеститори и се намалува сивата економија“, објаснува Незири. Тој сепак признава дека на краткорочен план повеќе расте дефицитот во пензиската каса отколку што расте бројот на вработени, но и покрај тоа се задоволни од генералната стратегија.
Незири вели дека повеќе влијание има покачувањето на пензиите отколку намалувањето на пензискиот придонес.
„Во просек пензиите се зголемени за 17 отсто, што не било сторено во последните 10 до 15 години. Тоа повеќе ја оптоварува пензиската каса. Да немаше дополнително зголемување, туку само она редовното покачување два пати годишно врз база на растот на животните трошоци, дупката во фондот би била помала. Ќе имаше и поголем ефект од растењето на бројот на вработени“, вели Незири и додава дека пензиите дополнително се зголемуваат зошто растат секојдневните трошоци, но со тоа се држи и социјалниот мир во државата.