Приговор во случај на неправилности при извршување
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Согласно Законот за извршување, извршувањето го спроведува надлежен извршител по претходно поднесено барање од страна на доверител, а врз основа на извршна исправа, односно:
– извршна судска одлука (пресуда, решение, платен и друг налог на суд, на избран суд и на арбитража),
– извршно судско порамнување,
– извршна одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска (заклучок и решение на орган на државна управа, како и на правно лице, донесени при вршењето на нивните јавни овластувања утврдени со закон),
– извршно порамнување склучено во управна постапка кое гласи на исполнување на парична обврска,
– извршна нотарска исправа,
– решение донесено од нотар со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа,
– заклучокот донесен од извршител со кој се утврдуваат на трошоците на извршувањето и
– друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Извршувањето, по правило, се спроведува секој ден од 06:00 часот до 21:00 часот. Со дозвола на претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, извршувањето може да се спроведе независно од претходно утврдениот термин.
При преземањето на извршните дејствија во станот на должникот, за кои дејствија неопходна е писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, при пребарувањето на облеката што должникот ја носи на себе, како и при преземањето на други извршни дејствија извршителот е должен да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство.
Доколку на извршните дејствија во станот на должникот не присуствува должникот, неговиот законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство, тогаш на извршните дејствија во станот на должникот мора да присуствува полиција и двајца полнолетни сведоци. Кога извршното дејствие треба да се спроведе во просторија која е заклучена, а притоа должникот не е присутен или не сака да ја отвори просторијата, извршителот може да ја отвори просторијата само во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.
Извршувањето, пак, кое треба да се спроведе во просторија на правно лице се спроведува на начин што извршителот, пред преземањето на извршното дејствие, ќе побара од лицето кое е овластено за застапување на правното лице тој самиот или лице кое тој ќе го определи да биде присутно при неговото преземање. Доколку овластеното лице на правното лице одбие да постапи во согласност со барањето на извршителот или, пак, доколку извршителот, при преземањето на извршното дејствие, не го затече истото во просториите на правното лице, дејствието ќе го преземе во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.
Во случај кога при преземањето на извршните дејствија извршителот не ќе може да обезбеди присуство на двајца полнолетни сведоци, истиот, а со цел спроведување на извршувањето, може да повика нотар.
Странката или учесникот којшто смета дека при извршувањето се сторени неправилности може, во рок од три дена по денот на дознавањето за неправилноста, но не подоцна од 15 дена по завршувањето на извршувањето, да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија извршувањето или пак дел од него се спроведува. Приговорот против неправилности при извршувањето мора да биде образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази. Како таков истиот се доставува до извршителот, странките и учесниците на одговор. Доколку смета за потребно претседателот на судот може да одлучи да ги сослуша извршителот, странките и учесниците, во кој случај заедно со приговорот до извршителот, странките и учесниците се доставува и покана во која се утврдени датумот и времето на сослушувањето.
Претседателот на основниот суд, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор или, пак, изјавила дека не го оспорува, по приговорот одлучува со решение кое го носи во рок од 72 часа по приемот на приговорот и со истото може:
-да го усвои приговорот, во кој случај ќе ги утврди сторените неправилности и превземените извршни дејствија ќе ги стави вон сила или
-да го одбие приговорот како неоснован.
Со решението со кое се усвојува приговорот претседателот на основниот суд не може да го запре извршувањето, да ги укине извршните дејствија, ниту, пак, да го задолжи извршителот да преземе определени извршни дејствија.
Решението на претседателот на основниот суд се доставува до странките и учесниците во извршувањето преку извршителот чие седиште се наоѓа на територијата на основниот суд на која било превземено оспореното извршно дејствие. Против решението странката или учесникот има право да, во рок од три дена по приемот на решението, поднесе жалба преку основниот суд до апелациониот суд на чие што подрачје се наоѓа основниот суд.
Во врска со вака поднесената жалба спротивната странка, односно учесникот може, во рок од три дена од денот на приемот на жалбата, да поднесе одговор на жалба. По добивањето на одговорот на жалбата или, пак, по истекот на рокот за одговор предметот се доставува до надлежниот апелационен суд кој, од своја страна, пак, е должен да во рок од пет дена одлучи по жалбата на начин што решението на претседателот на надлежниот основен суд ќе го потврди или преиначи. Против правосилната судска одлука не е дозволена ниту ревизија, ниту, пак, повторување на постапката.
Автор: Н.С.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Кои предмети не можат да ви бидат одземени од извршител
– Нотарска постапка во случај на неплатени сметки