Пријавување придонеси кај договорите за дело и авторските договори согласно новите законски измени | Правдико

Правдико

   

Пријавување придонеси кај договорите за дело и авторските договори согласно новите законски измени

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

contractСогласно новите измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, започнувајќи од 1-ви Јануари 2015 година се воведуваат како обврзници лицата кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, освен корисници на пензија според прописите на пензиското и инвалидското осигурување.

Овие лица чии примања го надминуваат износот на минималната плата (9.590 денари од 1- ви Јануари) по основ на овие договори се должни да пресметуваат и плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување како и придонес за задолжително здравствено осигурување.

Во случаите кога  овие обврзници остваруваат приходи од повеќе договори ќе станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување кога збирниот нето износ на приходите по тие договори ќе го надмине износот на минималната плата утврдена со закон.

Обврзник за пресметка и уплата на придонеси е правно лице-исплатувач на надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа за лицата кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

business-documentsПравното лице-исплатувач , е должен на Управата за јавни приходи да и доставува месечен извештај за износот на бруто надоместокот утврден во договорот за дело, авторскиот договор или друг договор, исплатениот нето надоместок, пресметаниот придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и пресметаниот придонес за задолжително здравствено осигурување за лицата за кои  тој е обврзник за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување, како и за износот на бруто надоместокот утврден во договорот за дело, авторскиот договор или друг договор и исплатениот нето надоместок на лицата кои ссе обврзници за уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување сами за себе, за секој обврзник за плаќање поединечно, најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Основица за пресметка на придонесите претставува бруто надоместок утврден во договор за дело, авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа за лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа.

Во случаите кога обврзници за уплата на придонесите се лицата сами за себе, истите се должни договорот за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен  надоместокот  да  го  достават  до  Фондот  на  пензиското  и  инвалидското осигурување на Македонија кој по службена должност доставува евиденција до Управата за јавни приходи, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Документи кои се доставуваат до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување

За лице кое нема осигурување, а има договор кај едно правно лице – исплатител, како потребни документи во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, правното лице доставува М1/М2 образец со податоци од договорот, склучениот договор, Барање за пријавување на придонесите и копија од трансакциона сметка. Со доставувањето на потребните документи Фондот изготвува Решение со основица за плаќање, кое електронски се доставува до  Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Управата за јавни приходи, при што правното лице изготвува и доставува месечна пресметка за интегрирана наплата (МПИН)  и ги плаќа придонесите .

За физичките лица кои имаат склучено повеќе договори, а немаат  осигурување, до фондот ги доставуваат договорите, барање за пријавување и копија од трансакциона сметка. Со доставувањето на потребните документи Фондот изготвува Решение со основица за плаќање, кое електронски се доставува до  Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Управата за јавни приходи и составува  М1/М11 само за периодот наведен во договорот.  .Фондот изготвува и доставува месечна пресметка за интегрирана наплата за придонесите за ПИО и здраствено осигурување, при што осигуреникот е должен да ги подигне пресметките и да изврши плаќање на придонесите.

Највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите е износот од шест просечни плати.  При пресметка на највисоката месечна основица за тековната година се зема во предвид просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.  Највисоката месечна основица ги вклучува сите примања на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос и примања по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, остварени во тековниот месец. На износот повисок од највисоката месечна основица не се пресметуваат и уплатуваат придонеси.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Појаснувања за уплатата на придонеси по основ на договор за дело и авторските договори

– Карактеристики на договорот за дело

– Упатства од ПИОМ за уплата на придонеси од договорите за дело и авторските договори

Препорачуваме

Партнери на Правдико