Притвор за Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски – Сашо Мијалков куртули | Правдико

Правдико

   

Притвор за Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски – Сашо Мијалков куртули

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Апелациониот суд објави дека по одржаните седници на 17.7.2017 година донесе одлуки во предметите познати во јавноста како „ТАРГЕТ“ и „ТВРДИНА“.

За тројца обвинети, меѓу кои Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, ја уважи жалбата на СЈО, ги преиначи првостепените решенија и  ги уважи жалбите на Обвинителството, а заради обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка определи мерка притвор, додека за останатите обвинети се потврдија првостепените решенија, со тоа што жалбите на обвинетите, како и на Обвинителството, се одбиени како неосновани.

Сашо Мијалков, првообвинет во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, истраги кои по обвинителниот акт се споија во едно обвинение, останува само без својот пасош. За него СЈО бараше притвор, но притвор добија само вработените во МВР кои се обвинети за негови соработници.

Грујовски е првообвинет  за учество во незаконското прислушкување и за уништувањето на опремата, односно  за случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Конкретно, тој  е обвинет за злосторничко здружување, за злоупотреба на службената положба и за фалсификување на службена патна исправа. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, во расправата  соопшти дека при претресот кај Горан Грујовски е најден нотес со евиденција кој сведок во колку часот влегува во СЈО, од кои обвинители  се испрашува и слично. Во одземениот компјутер имало упатство насловено „СЈО“ за тоа како да се однесуваат лицата кои даваат исказ во Специјалното обвинителство . Најдени се и службени белешки,  а форензички биле вештачени компјутери  на Управата за безбедност и конраразузнување. Таа нагласи исто така дека Грујовски  не се појавува на рочиштата во судот и во СЈО бидејќи тврди дека боледува од депресија и анксиозност, што за СЈО не е  аргумент кој го ослободува од оваа обврска. Обвинителот на СЈО,  Трајче Пеливанов, се пожали дека секогаш кога оваа институција бара снимки од видеонадзор од УБК, снимки не се обезбедуваат. Инаку,  преку снимките СЈО сака да да се види  дека Грујовски оди на работа. Во нотесот, според СЈО, има информации за следење на обвинителите на СЈО, при што Грујовски пет дена до една недела внесувал вакви податоци, сè  додека не е поднесено обвинението. Одбраната притоа излезе со куриозитетно тврдење дека СЈО може да ја загрози националната безбедност. Артан Ајро од СЈО на тоа реагираше со зборовите дека Грујовски магистрирал на тема надзор на следење на комуникациите, а нема еден таков извештај во УБК.

Обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, вчера побара на Јакимовски да му се изрече мерка притвор бидејќи постои очигледна опасност да побегне, со оглед на тоа дека има работен ангажман во Романија, во меѓународниот центар СЕЛЕК. Покрај тоа, нагласи Ристоска, тој има дипломатски пасош и може да го искористи. Како поранешен началник за координација во МВР, додека бил шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, рече Ристоска, тој може да влијае врз сведоците бидејќи некои од нив биле директно под негова хиерархија. Покрај тоа, образложи таа, кривичното дело кое му се става на товар е сериозно, со две споени истраги. Петар Василев, еден од адвокатите на Јакимовски, изјави дека наодите од жалбата на СЈО се неосновани бидејќи Јакимовски работи во центар во Букурешт каде што се поврзани 12 полиции и 12 царини и ако судот му определи притвор, тој ќе ја загуби работата, така што Македонија ќе загуби професионалец. Тој уште додаде дека Јакимовски синоќа се вратил од Америка само за да се појави во судот. Трајче Пеливанов, обвинител на СЈО, објаснувајќи ја тежината на стореното дело, соопшти дека штетата од уништувањето на опремата за прислушување, на што се однесува обвинението, е 1,4 милион евра и дека таа е потврдена од вештаци. „Ме товарат за потпишани документи. Јас не бегам од правдата. И покрај честите патувања, се јавувам во СЈО“, рече тој.
Јакимовски е еден од двајцата началници во УБК кои се обвинети во предметот „Тврдина“, покрај ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушување.

Во расправата за притворот на Никола Бошковски, обвинителката Ленче Ристоска посочи дека станува збор за оштетени над 300 лица и 50 сведоци. Според неа, мерката за претпазливост кон Бошковски е неопходна бидејќи работи во  УБК и може да избега.

Одбраната, пак, од друга страна тврдеше дека  обвинението е поднесено од неовластен тужител. Петар Василев, адвокатот на Бошковски, изјави дека во фазата на истрага судија од  претходната  постапка веќе ги одбил мерките за претпазливост за Бошковски. Обвинетиот е разрешен три нивоа подолу во Управата за безбедност и контраразузнување и поради тоа, тврди одбраната, тој не може да влијае врз сведоците. Според Василев, СЈО не ни има докази за ова  барање. Бошковски од своја страна рече дека не се чувствува виновен.  За СЈО прераспоредувањето на пониска позиција на Бошковски  не е аргумент за да се отфрлат мерките за претпазливост.

Во предметот „Тврдина“, кој на јавноста  ѝ беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување. Случајот „Таргет“ се однесува на прислушкувањето на  илјадници луѓе во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби.

В. Маглешов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико