Продолжено породилно само за новите мајки
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Породилно боледување од 15 месеци за близнаци или тројки ќе важи само за породувањата по 13 мај годинава
Продолженото породилно боледување за близнаци или тројки ќе важи само за родилките по 13 мај годинава. Од тогаш стартуваа новите измени на Законот за работни односи со кои наместо 12 месеци на мајките кои имаат близнаци или повеќе деца им следува породилно отусуство во траење од 15 месеци. Ова е објаснувањето од Министерството за труд и социјална политика на дилемите на повеќе мајки кои веќе користат породилно боледување за близнаци.
„Доколку во времето на започнување на користењето на породилното отсуството измените не биле во сила, тие не можат да бидат применети за работничката, бидејќи Законот нема ретроактивно дејство. Односно, важи само за оние кои го започнале отсуството по неговото стапување во сила“, се вели во објаснувањето на Министерството за труд и социјална политика.
Измените од Законот за работни односи кои предвидуваат отсуството за бременост, раѓање и родителство на работничка која родила повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) и за работничката која посвоила повеќе деца (две или повеќе), да се зголеми на 15 месеци, во „Службен весник“ се објавени на 5 мај годинава, а во сила се влезени на 13 мај.
Од Министерството за труд и социјала немаат податок колку средства дополнително ќе бидат издвоени за продолжување на боледувањето од 12 на 15 месеци и колку жени во просек годишно користат породилно отусуство за повеќе деца.
Според податоците на Фондот за здравство, годишно над 200 жени заминуваат на породилно отсуство бидејќи родиле близнаци или повеќе деца, или пак посвоиле повеќе деца. А проценките покажуваат дека продолжувањето на овој вид отсуство ќе ја чини државата дополнително околу 165.000 евра.
Податоците на Фондот за здравство покажуваат и дека расте бројот на породилните отсуства. Минатата година за оваа намена во буџетот на ФЗОМ биле реализирани 16,5 милиони денари или околу 270.000 евра.
Неодамна со законски измени Фондот им овозможи на родилките вработени на определено време да добиваат породилен надомест и доколку им престанал договорот за работа за време на породилното отсуство.
Извор: Утрински Весник