Проект на Советот на Европа за зајакнување на судството за заштита на човековите права
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Советот на Европа во соработка со Уставниот суд, Врховен суд, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Народниот правобранител на Република Македонија почна да го спроведува проектот за „Зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста“ во рамките на програмата Horizontal Facility.
Даниел Шмит од Советот на Европа, шеф на одделот за југоисточна Европа и Турција на денешното отворање на проектот рече дека целта е да се зајакне Уставниот суд за поефективно применување на европските стандарди за човекови права во случаи на поднесување на индивидуална жалба, како и да се подобрат обуките за судиите и обвинителите за подобра примена на стандардите за човекови права на национално ниво.
– Ќе работиме со Уставниот суд за поефективно применување на европските стандарди за човекови права во случаи на поднесување на индивидуална жалба, рече Шмит и додаде дека работата со овој суд е многу важна бидејќи човековите права најдобро се заштитуваат на национално ниво.
Со судиите и обвинителите, како што истакна, ќе се работи за подобро да ги толкуваат и применуваат одредбите од Европската конвенција за човековите права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
– Академијата за судии и обвинители е еден од главните играчи во овој проект. Ќе работиме заеднички на постоечката наставна програма, ќе се воведат и нови програми, а ќе се формира и тим на квалификувани обучувачи, рече Шмит.
Посебен акцент, како што рече, ќе биде ставен на едукацијата и обука на правни практичари за борба против нечовечко и понижувачко постапување и против неказнивоста во согласност со Европската конвенција за човекови права и со судкса пракса на ЕСЧП.
Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини во своето изгалагање посочи дека една земја може да ја наречеме цивилизирана ако човековите права се на врвот.
На отворањето на проектот се обрати и претседател на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, кој меѓу другото рече дека уставните судови како највисоки судови на национално ниво често пати се последната инстанца што барателите мора да ја искористат пред да се обратат до ЕСЧП, што претставува и главен процедурален елемент на супсидијарниот карактер на конвенцискиот систем.
Оттука, како што рече, националните судови имаат значајна улога не само при исцрпување на домашните правни лекови и оценката на фактите и националното право, туку и во непосредната примена на Европската конвенција во домашната судска пракса.
– Уставниот суд на РМ во досегашната своја работа настојува секогаш кога е соочен со прашања поврзани со заштитата на човековите слободи и права да се повикува на Европската конвенција, како во постапките за апстрактната контрола на уставноста на законите, така и во постапките по барањата за непосредна заштита на човековите слободи и права, истакна Ивановски.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска рече дека Академијата во изминатите 10 години работеше посветено за примена на стандардите на Европската конвенција за човековите права.
Меѓу другото посочи дека во таа насока беа спроведени обуки, се преведуваа одлуки од ЕСЧП, а беа организирани и посети на судии, јавни обвинители и новинари во Судот во Стразбур.
– Се стремиме нашите целни групи да ги користат стандардите на ЕСЧП во правната аргументација на домашните одлуки, при што од особено значење е менување на менталитетот на нашите судии и обвинители кои потекнуваат од еден континентален правен систем. Сега со интернационализација на домашното право ќе треба во своите одлуки судиите да ги користат и другите аргументи како што се генералните правни принципи за социјалниот поредок, владеење на правото, правна функционалност…, истакна Арнаудовска.
Свои излагања на отворањето на проектот имаа Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија и претседател на секција во ЕСЧП, Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП и Елена Јовановска Брезоска, координатор на проектот и Атанас Георгиевски, виш раководител на проектот.
Проектот предвидено е да трае 18 месеци, до мај 2018 година. Финансиран е од Европската унија, а ќе биде имплементиран од Советот на Европа.