Проект за обука на адвокатите за новиот ЗКП и за Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Адвокатската комора на РМ (АКРМ) во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), започнува со имплементација на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.
Бранителите играат клучна улога во воспоставувањето на современ и одговорен систем на кривична правда. Една од најважните реформи на правосудниот систем во Република Македонија беше имплементацијата на адверсијалниот систем, унапредување на владеење на правото и на почитување на човековите права. Токму затоа, целта на проектот е развивање на вештините на адвокатите во однос на клучните карактеристики на Законот за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Постигнувањето на оваа цел ќе биде возможно единствено преку континуирана едукација на адвокатите на одбраната и лоцирање на области кои се сметаат за слабост на овие нови закони.
Во рамки на проектот ќе бидат реализирани повеќе обуки и тркалезни маси кои ќе се спроведуваат од страна на домашни и странски експерти и истите опфаќаат учење на основни судски вештини, со посебен акцент на учење на практичните вештини.
Обуките ќе бидат отворени и бесплатни за сите заинтересирани адвокати. Предвидено е на една обука да земат учество ограничен број на адвокати, со цел на секој учесник да му се даде можност да ја вежба секоја вештина посебно.
На крајот на обуката ќе бидат доделени сертификати од Адвокатската комора на Република Македонија и ИНЛ.
Првата обука, која се однесува на Законот за кривична постапка (ЗКП), е предвидено да се одржи на 23 септември 2016 година во хотелот „Александар Палас“, во Скопје.
Адвокатите кои се заинтересирани да земат учество на горенаведената обука, задолжително да се пријават во Адвокатската комора на Република Македонија на е-маил: lawyermk@mba.org.mk до 20 септември.