Правдико

   

Прокурата како sui generis полномошно

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

3afaceriПрокурата е посебно трговско полномошно кое се дава на начин определен со изјавата за основање на трговското друштво од едно лице, со договорот за друштвото, односно со статутот.  Прокурата се дава секогаш во писмена форма.

Прокурист може да биде секое деловно способно физичко лице, без разлика на должноста и работите што ги врши, освен ако со изјавата за основање на друштвото од едно лице, со договорот за друштвото, односно со статутот поинаку не е определено. Прокурата не може да се даде на правно лице.

Односите меѓу трговското друштво и прокуристот, како и наградувањето се уредуваат со договор.

Прокурата може да се даде на едно физичко лице (поединечна прокура), или на две или на повеќе физички лица заедно (групна прокура). Ако прокурата е дадена на две или на повеќе физички лица, секое од тие лица е прокурист кој самостојно го застапува трговското друштво во рамките на овластувањата определени со овој закон.Прокурата дадена на две или повеќе лица ќе се смета за групна прокура само ако тоа е изречно назначено во прокурата.

Во случај на групна прокура, изјавите на волја, правните работи и дејствија се полноважни ако се сторени од сите прокуристи заедно, односно ако се согласиле сите прокуристи. Правните работи и дејствија коишто ќе ги стори еден од прокуристите се смета дека се полноважни ако другите прокуристи за нив дале изречна согласност или, ако другите прокуристи дополнително дадат согласност.

Во случај на групна прокура, знаењето на правно битните факти или вината на еден од прокуристите предизвикува правно дејство за давателот на прокурата, без оглед на тоа дали тоа го знаеле или дали се виновни другите прокуристи.

Обем на овластувања од прокурата

Прокуристот може да ги склучува сите договори и да ги врши и сите други правни работи и дејствија во име и за сметка на трговското друштво во рамките на предметот на работењето на друштвото, да го управува претпријатието на давателот на прокурата и да го застапува друштвото во постапките пред управните и другите државни органи, организациите и установите со јавни овластувања и судовите.

Прокуристот не може да ги отуѓува и оптоварува недвижностите на трговското друштво и не може да дава изјави, ниту да склучува правни работи, односно да презема правни дејствија со коишто ќе биде започната стечајна или друга постапка која може да доведе до престанување на друштвото. Прокуристот не може да дава полномошно за склучување договори и други правни работи на друго лице.

Ограничување на прокурата

Ограничување на прокурата, коешто не е предвидено со овој закон, нема правно дејство спрема трети лица, без оглед на тоа дали третото лице знаело или, со оглед на околностите, морало да знае за ограничувањето на прокурата.

Ограничувањето на прокурата на работењето на една или повеќе подружници има правно дејство спрема трети лица, само ако е запишано во трговскиот регистар.

Пренос на прокура

Прокурата не може да се пренесе на друго физичко лице. Нема правно дејство одредбата за прокура или изјавата на трговското друштво со којашто прокуристот се овластува да пренесе прокура, ниту изјавата на друштвото со којашто преносот на прокурата се одобрува претходно или дополнително.

Отповик на прокурата

Прокурата може да се отповика во секое време, без оглед на правната основа врз којашто е дадена. Ништовна е одредбата од договорот со којашто трговското друштво се откажува од правото да ја отповика прокурата, како и одредбата со којашто правото на отповик на прокурата се врзува со рок или со услов.

Упис на прокурата

Трговското друштво, односно трговецот-поединец ги запишуваат давањето поединечна и групна прокура, сите ограничувања на прокурата и отповикот во трговскиот регистар.  Во трговскиот регистар се запишува името и презимето на прокуристот и неговиот ЕМБГ.

Кон пријавата за упис се приложува и одлуката за давање на прокурата, односно одлуката со којашто се ограничува, односно отповикува таа и доказ за заверен потпис (којшто го содржи полното име и презиме на прокуристот) кај нотар. Пријавата и прилозите не се заверуваат кај нотар доколку се поднесуваат преку Системот за е-регистрација лично потпишани со електронски потпис или преку регистрационен агент.

–ПРАВДИКО–

 

Партнери на Правдико