Промовиран новиот проект за масовна проценка на недвижностите | Правдико

Правдико

   

Промовиран новиот проект за масовна проценка на недвижностите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На вчерашната прес-конференција на Агенцијата за катастар на недвижности се изврши промоција на новиот проект за масовна проценка на недвижностите. Обемот на трансакции регистрирани во Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата, како и за движењето на цените и закупнините во Република Македонија за периодот од јули до септември 2016 година, односно за третиот квартал од минатата година. Во првите три квартали од 2016 година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56 % се однесуваат на продажби, 33 % на закупи, 8 % на продажби од инвеститор и 3 % на откупи од Република Македонија.

Само во третиот квартал од 2016 година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 5.954 трансакции, што претставува раст во однос на вториот квартал за 34 трансакции. Доколку направиме споредба со истиот квартал минатата година кога беа регистрирани 3.813 трансакции, оваа година бележиме пораст на трансакциите од 36 %. Најголем број трансакции во овој квартал се забележани во септември кога се регистрирани 2.174 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во јули само 1.801.

Што се однесува до продадените новоградби, овој квартал се регистрирани 646 продажби што претставува зголемување за 147 продажби во однос на вториот квартал од 2016 година кога беа регистрирани 499 продажби на новоградби. Во овој квартал согласно со податоците од базата на катастарот на недвижности имаме 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 стана на целата територија на Република Македонија. Во вториот квартал од 2016 година беа регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 7.969 станови кои беа во тек на градба. Доколку ги споредиме овие два квартала, можеме да забележиме намалување на непродадените станови за 35 и раст на становите кои се во градба од 363 станови кои треба да бидат довршени и понудени на пазарот на недвижности.

Доколку ги разгледаме цените на становите по општини, ќе забележиме дека тие се стабилни и се во одредено ниво на флуктација од 3.000 денари помеѓу различни квартали, иако имаме и мал број општини каде што овие разлики се повисоки и каде што се утврдуваат некои надолни трендови на цените на становите.

Така, цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар во третиот квартал од 2015 година изнесувала 58.143 денари, додека во овој квартал изнесува 55.173 денари што претставува пад на цените на станбениот простор во оваа општина за 2.970 денари. За разлика од општина Центар, во општина Аеродром имаме раст на  цената на становите, односно во третиот квартал од 2015 година цената на еден метар квадратен станбен простор изнесувала 49.627 денари, додека во третиот квартал од 2016 година изнесува 55.462 денари што претставува раст на цената за околу 5.835 денари. Во општина Карпош имаме намалување на цената на становите од 2.645 денари во третиот квартал од оваа година во споредба со истиот минатата година.

Што се однесува до општините надвор од Скопје, стабилна цена на станбениот простор имаме во општина Струмица каде што во третиот квартал од 2015 година е регистрирана цена од 30.603 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена од 31.320 денари. Во општина Битола е забележан голем пад на цените на станбениот простор, па доколку во третиот квартал од 2015 година просечната цена на метар квадратен изнесувала 31.713 денари, во третиот квартал од 2016 година истата изнесува 23.402 денари, што претставува пад од 8.311 денари.

Што се однесува до цените на закупите на месечно ниво, кај одредени општини бележиме трендови на благо опаѓање на цените, додека кај други бележиме раст на цените на закупнините на станбениот простор. Така во општина Карпош за закуп на метар квадратен станбен простор во третиот квартал од 2015 година се плаќало 227 денари, а во третиот квартал оваа година изнесува 320 денари што претставува раст од 93 денари. Во општина Центар имаме стабилна цена на метар квадратен станбен простор за закуп, па така во третиот квартал во 2015 бележиме цена од 294 денари, а во третиот квартал од 2016 година цената изнесува 254 денари. Стабилни закупнини бележиме во општина Аеродром каде што споредбената анализа на третиот квартал од 2015 година со третиот квартал од 2016 година покажува дека цената е скоро идентична и се движи околу 175 денари за закупнина на метар квадратен станбен простор. Во општина Куманово имаме благ пад на цената на закупнината на становите за 20 денари по метар, па така минатата година во третиот квартал просечната цена изнесувала 134 денари, додека оваа година во третиот квартал таа изнесува 112 денари.

Кај пазарот на хипотеки кој се составен дел од извештајот на Регистарот на цени и закупнини се забележува пад на бројот на станови кои се наоѓаат под хипотека од 0,44 %, па така на ниво на Република Македонија од вкупниот број регистрирани станови 9,28 % се наоѓаат под хипотека.

Можеме да заклучиме дека имаме стабилизирање на активностите на пазарот на недвижности по зголемувањето на активностите кои ги регистриравме во првиот квартал на 2016 година и падот од околу 2000 трансакции во вториот квартал. Исто така, можеме да заклучиме дека бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот ја задоволуваат побарувачката на станови, и во моментот имаме доволна залиха на новоизградени станови доколку побарувачката се зголеми. Што се однесува до цените на пазарот на недвижности, тие се стабилни со благ пад во некои општини како рекација на презасистеноста на пазарот со новоизградени станови. Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува доколку условите на пазарот останат исти подолг временски период, можеме да очекуваме благ пад на цените на недвижностите, пред сѐ поради зголемената градежна активност, а значително намалената побарувачка на станови.

Воедно, сакаме да ја информираме јавноста дека Агенцијата за катастар на недвижности забрзано работи на воспоставување на системот за масовна проценка на недвижностите. Во таа насока се дефинирани и следните чекори кои Агецнијата ќе ги преземе во текот на 2017 година со цел да се изврши системска проценка на сите недвижности на територијата на Република Македонија и секоја недвижност да ја добие својата пазарна вредност.

Во февруари Агенцијата за катастар на недвижности ќе спроведе теренско собирање на податоците за недвижностите потребни за системот за масовна проценка за 4 пилот-општини.

Во април ќе биде извршена надградба на е-кат системот преку кој ќе се овозможи автоматско внесување на изјавите со дополнителните податоци за недвижностите во базата на Регистарот на цени и закупнини.

Во јуни Агенцијата за катастар на недвижности ќе работи на софтвер за статистики со кои ќе се овозможат точни и ажурни податоци за трансакциите со недвижности, како и широка лепеза на статистики кои ги користат банките, проценителите, агенциите за недвижности и голем број државни институции.

Во декември Агенцијата за катастар на недвижности по воспоставувањето на вредните зони ќе воспостави софтвер за моделирање, односно софтвер кој преку податоците од катастарот на недвижности и базата на Регистарот на цени со одредени  дополнителни параметри треба да изврши вреднување на недвижностите.

Во текот на 2018 година ќе се изврши масовна процена на недвижностите за 4-те пилот-општини.

Извештајот од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.7.2016 – 30.9.2016 година може да го преземете на следниов линк.

Препорачуваме

Партнери на Правдико