Промовирaн водич за постапувањe по криминaл од омрaза | Правдико

Правдико

   

Промовирaн водич за постапувањe по криминaл од омрaза

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

IMG_9246Промовиран практичен водич за „Постапување по криминал од омраза“ наменет за јавните обвинители и судии во земјата што работат со случаи на криминал со пристрасна мотивација и кривични дела извршени врз основа на предрасуди и нетолеранција.

Претседателката на здружението на јавни обвинители Спасенка Андонова на денешната промоција, рече дека изработката на овој водич претставува значаен чекор за превенција и спречување на криминалот од омраза, како и за подигнување на јавната свест за спречување на ваквите дејствија и постапки на поединци и групи и изразувањето на чувства на омраза и нетрпение кон различностите.

– Случаите на криминалот од омраза претставуваат симбол на човековото нетрпение и предрасуда, како и израз на емоции на омраза, завист и страв. Затоа за обвинителите претставува предизвик докажувањето на ваквиот криминал и истражувањето на мотивите е еден комплексен и сложен процес. Искрено се надевам дека содржината на овој водич ќе биде адекватно секојдневно користена од наша страна за полесно постапување и детектирање на делата сторени од омраза, изјави Андонова.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска, рече дека издавањето на прирачникот ќе го збогати библиотечниот фонд на Здружението на јавни обвинители и на Академијата за судии како партнерски институции, кои што работат на унапредување и сензибилизирање на свеста и знаењето на судиите и јавните обвинители во делот на областа на дискриминацијата и криминалот од омраза.

– Прирачникот ќе се придружи кон фондот публикации издадени во соработка со ОБСЕ, меѓу кои збирките пресуди од Европскиот суд за човекови права од областа на недискриминацијата, од областа на говорот на омраза и прирачникот за примена, рече Арнаудовска.

Шефот на одделот за човекова димензија при мисијата на ОБСЕ во Скопје Гонзало Чезаре, рече дека прирачникот е важна алатка во борбата против криминалот од омраза, што е основно за стабилноста, безбедноста и кохезијата особено во нехомогени општества.

Водичот за „Постапување по криминал од омраза“ е испечатен во 200 примероци и ќе биде достапен преку Здружението на јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители за сите канцеларии на јавни обвинители и судии во земјата.

Препорачуваме

Партнери на Правдико