Промовирана онлајн алатката „Изборен компас Македонија“ – информирани гласачи, функционална демократија | Правдико

Правдико

   

Промовирана онлајн алатката „Изборен компас Македонија“ – информирани гласачи, функционална демократија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт во понеделникот ја претстави алатката „Изборен компас Македонија“, која ќе биде достапна на македонски и албански јазик на www.izborenkompas.mk од почетокот на изборната кампања до денот на изборите.

izboren-kompas

„Изборен компас Македонија“ е бесплатна онлајн алатка којашто им овозможува на гласачите да ги споредат своите позиции со позициите на партиите кои ќе учествуваат на престојните парламентарни избори. Граѓаните имаат можност да одговорат на серија од 30 внимателно селектирани искази по важни прашања групирани во шест тематски области (економија, социјални политики, домашна политика, човекови права, миграција и меѓународни односи). Овие искази, одбрани врз основа на претпоставката дека прашањата на кои партиите најчесто се осврнуваат во јавниот дискурс се оние поважните за гласачите, се претходно одговорени и од страна на политичките партии, велат од Импакт.

Кодирани се вкупно 11 политички партии и коалиции, вклучувајќи ги политичките партии кои се претставени во Парламентот и политичките партии и коалиции коишто имаат поддршка од минимум 1% во истражувањата на јавно мислење спроведени во 2016 година.Експертскиот тим одлучи да ги вклучи и новите политички субјекти, Левица, Унитети и Беса, од кои Беса и Левица учествуваат самостојно на изборите.Во кодирањето беа вклучени коалициите кои учествуваат на изборите наместо поединечните партии коишто се дел од тие коалиции, а кодирани беа водечките партии од секоја коалиција. Сите 11 партии беа контактирани за самостојно да ги кодираат позициите на партиите и да приложат доказен материјал (цитати и линкови) заедно на нивните тврдења. Девет политички партии се одзваа на барањето, а единствените две кои не се самокодираа беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, додаваат од Импакт.

Паралелно со самокодирањето, нашиот тим на истражувач(к)и вршеше независно кодирање на позициите на политичките партии, внимателно анализирајќи ги изборните програми, идеолошките платформи, официјалните документи, веб страниците, изјавите на официјалните претставници на партиите, интервјуа и колумни на претставници на партиите, како и изборните програми од претходни изборни циклуси. Потоа, самокодирањето и независното кодирање беа споредени и партиите беа контактирани во случај кога двете не се совпаѓаа, со можност да достават дополнителен доказен материјал што ја поддржува нивната позиција.Конечните одлуки на истражувачкиот тим беа подлежни на двојно проверување од останатите членови на тимот и надворешни соработници, стои во соопштението од Импакт.

Согласно одговорите на триесетте искази, позициите и на политичките партии, и на граѓаните се пресметани според просторниот модел на политички натпревар.Позициите се пресметуваат во однос на две димензии на политички натпревар, каде хоризонталната оска ја покажува позиционираноста лево и десно од политичкиот центар во однос на социјални и економски теми, додека вертикалната оска ги опфаќа моралните прашања и укажува на политичката позиционираност во однос на конзервативни или прогресивни позиции.Пресметката на позициите на секоја партија, коалиција и поединец се базира на математички алгоритам, развиен од страна на нашите партнери, Киескомпас. Важно е да се напомене дека овој алгоритам е апсолутно независен од било каква интервенција и влијание на истражувачкиот тим и политичките партии, велат од Импакт.

Еднакво важно е да се укаже и на тоа дека алатката не им кажува на корисниците за која партија или коалиција да гласаат, туку едноставно им покажува каде се поставени нивните лични ставови на политичката сцена и согласно тоа, кои партии им се блиски, а кои далечни во однос на политичките ставови, порачуваат од Импакт.

„Изборен компас Македонија“ е изработен од тим на истражувач(к)и од Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт, Киескомпас и Врије Универзитетот во Амстердам и Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија и е поддржан од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико