Просек 7 и 5 години искуство за упис во Академијата за судии и јавни обвинители
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со примената на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители , односно со отпочнувањето на примената на одредбата од 1 јануари 2012 година во однос на просекот 8,0 за кандидатите како услов за прием на почетната обука, искусните стручни кадри – дипломирани правници со положен правосуден испит и долгогодишно искуство во судовите, јавните обвинителства и во адвокатурата кои не го исполнуваа условот за просек немаа можност да се пријават за прием во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, иако со нивното докажано искуство во работата можат да придонесат за висок квалитет во судството и јавното обвинителство.
Од друга страна, со отпочнувањето на примената на новиот Закон за кривичната постапка и воспоставувањето во пракса на новиот систем согласно кој јавното обвинителство и јавните обвинители ја превземаат главната истражна улога, се појави потребата од зголемување на стручниот кадар и зајакнување на јавните обвинителства заради целосно остварување на законските надлежности.
Воедно, праксата покажа дека слободните места за јавни обвинители не можат да бидат пополнети заради условот за претходно завршена Академија на судии и јавни обвинители на кандидатите за јавни обвинители. Согласно вака утврдената состојба и согласно заклучок на Владата на Република Македонија, Министерството за правда подготви Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и пристапи кон подготовка на законско решение со кое се најде начин како стручните квалификувани кадри да се мотивираат и целосно да се вклопат со новиот концепт за завршена почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, како услов за избор на јавен обвинител.
Подготвената измена на Законот е извршена согласно дадените насоки во заклучокот бр.42-17/124 од 7.12.2015 година од Сто дваесет и четвртата седница на Владата на Република Македонија, да се предвиди можност стручните соработници со положен правосуден испит со просек над 7,00 кои најмалку пет години работат во судството и обвинителството да можат да бидат примени во почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители, но само како кандидати за јавни обвинители. Со тоа се дава можност на квалификуваниот стручен кадар со најмалку пет години работен стаж по положен правосуден испит како судски службеник, јавно обвинителски службеник или адвокат за пристап до Академијата за судии и јавни обвинители заради натамошен развој во кариерата.
Со оглед на нивното искуство и практична работа, почетната обука за овие слушатели ќе се одвива во една фаза – само теоретска настава, која ќе биде во траење од девет месеци. Воедно, на овој начин се надминува проблемот со неопходната потреба за пополнување на слободните места во јавните обвинителства со што ќе се овозможи натамошна успешна имплементација на Законот за кривичната постапка