Процесуирана тужбата против Македонија за уништените објекти под Калето | Правдико

Правдико

   

Процесуирана тужбата против Македонија за уништените објекти под Калето

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

19112016112641_web_pod_kaleВо август годинава беше уништена импровизираната населба на ромските семејства на поранешниот полигон под Кале во Скопје. Народниот правобранител оттогаш реагираше до јавноста и до сите надлежни институции да се вдомат овие семејства, но засега нема преземени активности. Европскиот центар за заштита на правата на Ромите во Будимпешта поднесе тужба против Македонија околу овој случај.

– Апликанти се 32 лица кои се македонски државјани од ромска националност. 29 од нив се деца, вклучувајќи едно бебе, еден апликант е бремена жена, еден од апликантите е дете со попреченост и тројца од апликантите се мажи чии жени се бремени. Тие се претставени пред Судот од Европскиот центар за заштита на правата на Ромите, невладина организација од Будимпешта – стои во тужбата.

Во тужбата најпрво е објаснето за локација и за состојбата со овие семејства. Наведено е дека од 2011 година, ова земјиште е приватизирано и продадено на инвеститор. Појаснето е дека на 11 јули годинава, инспекторатот на град Скопје издал наредба за чистење на земјиштето затоа што станало место за отпад, што е спротивно на Законот за јавна чистот.

– Апликантите живееле во импровизирани објекти направени од достапни материјали како хартија, картон, дрво и пластични кеси. Нивниот единствен извор за вода била една пумпа за вода. Тие заработувале преку собирање железо и пластика. Велат дека аплицирале за социјални станови неколку пати, но биле одбиени. Низ годините, надлежните доаѓале и ги рушеле нивните објекти, но потоа тие се враќале и одново граделе – се вели во тужбата.

Апликантите на тужбата Ерџан Бекир и други против Македонија изјавиле дека не добиле официјално известување за оваа одлука, но некој од нив добиле предупредувања дека треба да ги отстранат своите работи од земјиштето.

Тие се жалат на прекршување на Националната стратегија за права на Ромите и на Декадата на Роми, кои нашата држава ги потпишала и се обврзала дека за приоритет ќе ги смета образовнието, домувањето и вработувањето на Ромите, а не се почитуваат ниту препораките од Конвенцијата за права на детето.

– Случајот е веќе поднесен во Европскиот Суд за човекови права во Стразбург. Исто така поднесовме и поднесок до Комитетот на Обединети нации за елиминација на дискриминација па жени и добивме одлука за итна мерка во поглед на домување на нашите клиенти и обезбедување на пристап до вода, храна и здравствена заштита. Засега одговорните институции се уште немаат преземено активни мерки за спроведување на добиената одлука, ниту пак презедоа одговорност за случајот – ни изјави Сенада Сали, правничка од Европскиот центар за заштита на правата на Ромите во Будимпешта, одговорна за овој случај.

Од градот ни одговорија дека тие постапуваат согласно законските регулативи.

– Град Скопје во својата работа исклучиво постапува во согласност со Законот и во функција на заштита на јавниот интерес. Генералниот пристап и во врска со конкретниот случај е во целост усогласен со домашното законодавство и комплетно  е документиран,  и како таков е достапен на јавноста, па и на  сите судски инстанци – велат од градот.

Претходно, објавивме дека и Народниот правобранител се обидува на различни начини и со интензивна комуникација со институциите да се реши домувањето на овие семејства.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико