Прва евтаназија на дете во Белгија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Евтаназијата на малолетник е прва примена на законот кој оваа држава го усвои во 2014 година, според кој е дозволена асистирана смрт на деца од сите возрасти
Вим Дистелманс, кој се наоѓа на чело на Федералниот комитет за контрола и процена на евтаназија во Белгија, вели дека ова е прв случај од тој вид и дека е познато само дека детето било тешко болно, но без понатамошни детали за неговата состојба.
„За среќа постојат само мал број на деца кои размислуваат за евтаназија, но тоа не значи дека треба да им го скратиме правото на достоинствена смрт“, вели Дистелманс.
Белгија ја легализираше евтаназијата во 2002 година и пред две години на тој закон додаде амандмани со кои на лекарите им се дозволува да им помогнат на малолетници кои повеќе не сакаат да живеат во „безнадежни медицински ситуации, константно и неподносливо страдање кое не може да биде ублажено и кое ќе доведе до смрт“.
Секое барање за евтаназија, според овој амандман, мора да го поднесе малолетникот, кој мора да добие согласност од родителите и лекарскиот и психијатрискиот конзилиум.
Белгија е единствената земја на светот која дозволува евтаназија на сите малолетници од сите возрасти. Во соседна Холандија, може да ја побараат деца постари од 12 години. Во Европа, таа е легална само уште во Луксембург, додека во Швајцарија е дозволена „помош при самоубиство“ – кога лекарот ќе му помогне на пациентот да умре, но не го убива лично. Иста работа е дозволена и во американската држава Орегон, каде што „помош при самоубиство“ е можна за постари од 18 години со неизлечива болест.
Меѓу 2003 и 2013 година бројот на пациенти во Белгија кои биле евтаназирани пораснал речиси осум пати, а за десет години се забележани вкупно 8.752 случаи.
Извор: Утрински весник