Прва посета на еден српски премиер на Албанија | Правдико

Правдико

   

Прва посета на еден српски премиер на Албанија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Првпат во историјата еден српски премиер патува за Албанија. Посетата на премиерот Вучиќ на Тирана се случува во вжештена атмосфера на Балканот и тоа не само поради несогласувањата меѓу Албанија и Србија околу Косово.

0,,18051480_303,00

Во посета на Албанија никогаш не беше ниту некогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, кој беше прифатен и од Западот и од Истокот. Патот кон „земјата на орлите“ досега не го најдоа ниту некогашните југословенски, а потоа српски премиери. Српскиот премиер Александар Вучиќ ја добива оваа шанса иако неговата радикална националистичка реторика во 90-тите години на минатиот век беше повеќе од проблематична. Тој тогаш заедно со актуелниот српски претседател Томислав Николиќ и лидерот на радикалите Војислав Шешељ беше еден од најголемите поддржувачи на великосрпската политика. Но српскиот премиер денес е друг Вучиќ, човек кој се обидува да ја турка европската агенда во Србија. Генералниот секретар на Советот за соработка за Југоисточна Европа и поранешен југословенски министер за надворешни работи Горан Свилановиќ во разговор за Дојче веле нагласува дека Вучиќ во последните 12 месеци забележал повеќе дипломатски успеси. „Посетата на Тирана доаѓа по посетата на Сараево минатата година, повеќе премиерски средби со соседните земји, како и многу добриот тек на регионалната соработка во последните месеци“, нагласува Свилановиќ.

Историска посета со провокации?

И во Тирана и во Белград многумина зборуваат за историска посета. Шкелзен Малиќи, советник на албанскиот премиер Еди Рама, се обидува сепак да ги амортизира очекувањата. „Не би зборувал за историска посета“, вели Малиќи за Дојче веле. „Сепак, многу е важно натамошно да се нормализираат односите меѓу Тирана и Белград, иако е јасно дека Србија и Албанија имаат целосно различни ставови во врска со независноста на Косово.“

Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Белград, на 10 ноември минатата година, беше означена како „историска“ пред да се реализира.

Но, доволна беше само една реченица од Рама, имено дека „Србија треба да ја признае новата реалност и независноста на Косово“ и посетата беше загрозена од неуспех. „Сепак, нема да ја прекинам посетата“, рече тогаш видно изнервираниот српски премиер. Домаќинот Вучиќ, како и голем број српски коментатори, оваа реченица ја оценија како отворена „провокација“, како „скандал“ и „бесрамност“ од страна на албанскиот премиер. Од друга страна, Рама во Тирана и на Косово од страна на многу Албанци беше славен како херој.

Некои српски медиуми во последно време тврдеа дека Рама во Тирана има подготвено стапица и провокации за својот српски колега. Неговиот советник Шкелзен Малиќи ги отфрла ваквите тврдења. Малиќи и Свилановиќ се на мислење дека и Вучиќ ќе се откаже од каква било провокација, во стилот на тоа дека Косово е нераздвоен дел од Србија или дека Косово е „срцето на Србија“.

Отвореност и конструктивност

Албанскиот аналитичар Албер Ракипи нагласува дека Белград и Тирана немаат различни ставови само околу Косово, туку и околу соработката со НАТО и Русија. „Албанија е членка на НАТО и ја поддржува западната политика на Балканот. Од друга страна, Србија не е членка на НАТО и стреми кон потесна соработка со Русија“, вели Ракипи. И по оваа посета Свилановиќ не очекува постигнување согласност на Рама и Вучиќ во однос на Косово. Сепак, и двајцата даваат поддршка за дијалогот на Србија и Косово во Брисел. „Тоа е шанса за многу добра посета, за отворени, конструктивни и пријателски разговори. Има многу заеднички проекти, каде премиерите имаат исто мислење.“ Албанија и Србија имаат ист став околу најмалку шест заеднички инфраструктурни проекти, финансирани од ЕУ. Тие даваат поддршка за дијалог меѓу младите Албанци и Срби. Многу скоро би можеле да бидат отстранети ситеп речки за подобра економска соработка, како и за слобода на патување во двете земји.

Разговори за Македонија

Сепак, Рама и Вучиќ нема да можат да избегнат две големи теми: безбедносната состојба во регионот, особено по ескалацијата на насилство во Македонија, и заедничката европска перспектива.

„Во Македонија, Косово и помалку во Албанија има кругови кои претпочитаат една Албанија во етнички граници. Тоа не можам и не сакам да го негирам, но тоа не е официјална политика, ниту во Тирана ниту во Приштина“, нагласува Малиќи. Тој смета дека кризата во Македонија е „борба на актуелната влада да опстане на власт“. Набљудувачите од премиерите Вучиќ и Рама очекуваат апел за смирување на состојбата во Македонија.

Мирот, стабилноста и регионалната соработка се главни предуслови за приближување на регионот кон ЕУ. Тоа го подвлече и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер за време на неговата посета на Белград на 28 април, како и по средбата со албанскиот колега Димир Бушати во Берлин, на 20 мај. Тој на Албанија и Србија им вети натамошна поддршка на патот кон Европа. Србија и Албанија во однос на приближувањето кон ЕУ полагаат големи надежи и во посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Белград и Тирана, во јули годинава.

Извор: Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико