Правдико

   

Први политички консултации меѓу Република Северна Македонија и Грузија

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Скопје се одржаа првите политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Грузија, предводени од заменик-министрите на двете земји, Андреј Жерновски и Вакхтанг Макхароблишвили. Делегациите разменија мислења за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување, притоа истакнувајќи ја потребата од воспоставување на билатералната правна рамка во сите области од заемен интерес како основа за натамошно продлабочување на соработката, особено во областа на економијата.

Заемно е констатирано дека воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Грузија во февруари 2019 година отвора можности за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, притоа имајќи ги предвид заедничките надворешнополитички приоритети на двете земји.

Заменик-министерот Жерновски, зборувајќи за перспективите на Република Северна Македонија во однос на членство во Европската Унија, истакна дека нашата држава направи огромен напредок во последните две години како резултат на посветеноста на реформскиот процес, при што потенцира.

„Ние остануваме силно фокусирани на европскиот пат. За нас не постојат други алтернативи, продолжуваме да создаваме европски правила и стандарди во работењето и во промовирањето на европските вредности. Очекувам набргу земјите-членки да успеат да постигнат консензус за почеток на преговорите со нашата држава како валоризација на заслуженото“, рече Жерновски.

Заменик-министерот на Грузија, Вакхтанг Макхароблишвили, упати честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евро-атлантските интеграции изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешнополитички приоритети.

Во рамките на политичките консултации грузиската делегација беше примена и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико