Првообвинетиот во „Шпион“ во жалбата тврди дека обвинението го нарачале две лица од УБК | Правдико

Правдико

   

Првообвинетиот во „Шпион“ во жалбата тврди дека обвинението го нарачале две лица од УБК

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Првообвинетиот во случајот „Шпион“,Маријан Ефремов, кој со првостепената пресуда е осуден на 15 години затвор, во жалбата смета дека овој случај е политичко – полициски монтиран и ги навел имињата на две лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според него го нарачале обвинението.

spion-zalba

По неколку месеци одложување, во четвртокот во Апелациониот суд во тек е јавна седница за овој случај на којшто се разгледуваат жалбите на првостепната пресуда за случајот.

Во судницата како застапници на обвинението се појавија обвинителките од Специјалното јавно обвинителство, Елизабета Јосифовска и Ленче Ристовска откако СЈО ја презеде надлежноста за овој случај и треба да дадат свое мислење по однос на жалбите на обвинетите.

Судијата известител, Зоран Димитриевски, неколку часа ја читаше пресудата и жалбите на обвинетите. Потоа жалбите треба да ги образложат адвокатите и обвинетите, а потоа СЈО да даде свое мислење.

Отако СЈО го презеде овој случај одбраната очекува пресудата да се укине, бидејќи според нив,  има многу суштествени повреди и погрешно утврдена фактичка состојба.

„Основно повредено е правото на одбраната, нас не ни беше доставена ни првостепната пресуда од судечкиот судија. Можете да замислите како се одвивало судењето. Но она што е најинтересно, суштината е дека се давале информации за луѓе партиски функционери и други лица на странски разузнавачки служби. Во ситуација кога нашето МВР има германски компјутери, американска помош и сето тоа , тие информации им се достапни буквано на сите, а најголем број на информациите за кои обвинува обвинителството се достапни и се од јавен карактер“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, кој е адвокат во овој случај.

Во случајот „Шпион“ обвинети се 18 лица. Според пресудата која е напишана на повеќе од 1.000 страници, Ефремов организирал криминална група која давала информации за функционери, партиски личности, за радикалниот ислам во земјава и други состојби на унгарската и на грчката тајна служба.

Обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена и шпионажа. Дел од овој предмет беше и новинарот Зоран Божиновски но постапката за него беше одвоена бидејќи тој не беше достапен за органите на прогонот.
Судењето на Божиновски требаше да се одржи денеска, но е одложено за крајот на овој месец, затоа што Основниот суд Скопје 1- Скопје не може да ги добие доказите бидејќи предметот „Шпион“ е на јавна седница во Апелациониот суд.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико