Првпат ќе се гласа за амандмани врз основа на укажувања на претседателот | Правдико

Правдико

   

Првпат ќе се гласа за амандмани врз основа на укажувања на претседателот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Собранието на Република Македонија првпат ќе се гласа за амандмани изготвени врз основа на забелешки поднесени од страната на претседателот на државата за закон чиј указ не го потпишал, доколку до утре попладне пратениците поднесат амандамни на Законот за употреба на јазиците. Засега амандмани почнаа да поднесуваат само од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата постапка е предвидена со членот 173 од Деловникот за работа на Собранието, а овој член е вметнат со измените на овој акт од 2008 година. Претходно немало правна множност претседателот на вратен закон да достави забелешки, а пратениците да поднесат амандмани. Пред 2008 година постапката за враќање на законите без потпишан указ била во согласност со Уставот на државата, а  законите по враќањето во Собранието само биле ставани на гласање. Доколку законот бил изгласан повторно претседателот бил должен да го потпише указот. Закони во Собранието враќале и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски.

Членот 173 од Деловникот предвидува претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот да го достави до претседателот заради потпишување на указот за прогласување на законот. Но, ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Претседателот Ѓорге Иванов го врати законот за јазиците во Собранието без потпишан указ и со повеќе укажувања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ досега поднеле седумдесетина амандмани направени врз основа на овие забелешки на Иванов, но се најавуваат илјадници. Рокот истекува утре во 16:30 часот.

Пратеничката група на СДСМ, пак, се уште не соопштува дали ќе поднесе амандмани по законот за јазиците.  Горан Милески од ЛДП, дел од пратеничката група предводена од СДСМ изјави дека нивните амандмани се подготвени.

– Ние и минатиот пат поднесовме амандмани на законот. Нашите амандмани се спремни, но дали ќе ги поднесеме или не, остануваме на проценка на пратеничката група која што до сабота треба да ја донесеме. Во овој момент немаме одлука дали ќе поднесеме амандмани или не, изјави Милески.

ДУИ и Беса вчера се изјаснија дека нема да поднесат амандмани.

Поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи амандманите и тој ќе може да оди на гласање. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи ќе можат да побараат и право на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.

Седницата на која овој закон повторно ќе се најде на разгледување е закажана за понеделник 29 јануари.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико