Психолог ќе оценува дали педофилите ќе бидат кастрирани | Правдико

Правдико

   

Психолог ќе оценува дали педофилите ќе бидат кастрирани

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Осудените педофили во Македонија ќе мора прво да ја одлежат во целост или пак дел од затворската казна пред да имаат можност да бидат ослободени ако се согласат да им биде извршена хемиска кастрација. Потоа ќе мора да одат на интензивни прегледи по што лекарите ќе оценат дали ќе се кастрираат. Предвидено е и да се разговара со психолог, кој треба да оцени дали осуденикот ја разбира потребата од хемиска кастрација.

442141ED74A7AE4A96BC693EB328BB3C

Медицинските установи, Управата за извршување санкции и Министерството за правда секогаш ќе треба да ја знаат точната адреса на живеење на осудениците за педофилија ако тие бидат ослободени под услов да им се изврши кастрација. Тие редовно ќе бидат контролирани и ќе имаат обврски редовно да се јавуваат во болницата каде што им почнал третманот. Ако случајно има проблеми, односно ако побегнат или навреме не се јават за кастрација тие ќе бидат вратени во затвор.

Македонија е прва земја во регионот што ја воведе оваа мерка како начин да се избори со проблемот со зачестените полови напади врз малолетници. Kастрацијата во земјава, всушност, ќе биде контролирање на хормоните кај осудениците преку лекови и тоа ќе се врши на одреден период, најверојатно на секои шест месеци. Тоа значи дека ваквиот начин на третирање не е траен третман, туку мора постојано да се повторува на одреден период.

Во измените на Законот за извршувањето санкции предложени во минатиот месец се предвидени начинот и околностите под кои ќе се изведува кастрацијата или, како што се нарекува, медицинско-фармаколошко лекување. Kастрацијата ќе се изведува во специјализираните медицински установи, кои ќе бидат претходно утврдени од Министерството за здравство.

Kога некој педофил ќе почне да ја одлежува затворската казна, надлежните во затворот се должни да ја достават судската одлука со која на осуденото лице му е изречена оваа мерка до Управата за извршување на санкциите. Оваа институција потоа ги известува медицинските установи пред почнување на подготвителниот период за отпуст на осуденото лице заради испитување и негова подготовка за извршување на мерката.

„Извршувањето на мерката ќе почне по издржување на казната затвор. За почетокот и за текот на извршувањето на мерката медицинско-фармаколошко лекување, специјализираната медицинска установа е должна секои шест месеци да ја известува Управата за извршување на санкциите“, пишува во законските измени.

Пратеникот Даниела Рангелова смета дека оваа мерка е важна оти може да му се изрече на сторител на кривично дело полов напад врз дете помало од 14 години. – Мерката е многу важна за безбедноста на малолетниците, бидејќи тие се безбедни додека трае затворската казна на сторителот, но откако тој ќе излезе на слобода, постои опасност да го повтори делото – вели таа.

Според пратеникот Соња Талевска, за извршување на таа мерка е неопходна согласност од сторителот на кривичното дело, па поради тоа е потребна психолошка подршка за самиот сторител да биде во можност да го согледа значењето на мерката.

Управата за извршување санкции најмалку еднаш на шест месеци треба да го извести судот за извршувањето на мерката или за потребата од нејзино продолжување или прекинување. Од друга страна, потребно е осудениот педофил што е подложен на кастрација да ја пријавува својата адреса на живеење, а особено ако ја промени. Ако не се појави на закажаната хемиска кастрација и ако не го оправда отсуството, против осуденикот ќе биде покрената потерница. Трошоците за извршувањето на мерката медицинско-фармаколошко лекување ќе бидат на товар на државниот буџет.

Со измените на Kривичниот закон беше предвидено осудените педофили да имаат и можност за намалување на затворската казна ако прифатат кастрација.

Па за педофилите што се осудени на доживотен затвор е предвидено казната да може да се намали на 40 години ако се подложат на хемиска кастрација. За педофилите осудени на затворски казни до 20 години е предвидено тие да ја примаат терапијата до крајот на животот, а за возврат да ја добијат минималната казна затвор, односно 12 години.

Хемиската кастрација во Европа се извршува во голем број држави и тоа во Данска, Чешка, Франција, Полска, Естонија, Русија, Молдавија, Велика Британија и во Германија.

ЌЕ СЕ ВОДИ ПОСЕБЕН РЕГИСТАР НА КАСТРИРАНИ ПЕДОФИЛИ

Покрај постојниот Регистар на осудени педофили, Управата за извршување санкции со законските измени мора да води и посебна евиденција за осудените лица на кои им е изречена мерката медицинско-фармаколошко лекување. Во овој регистар ќе има податоци за тоа кога почнала кастрацијата, делото за кое осуденикот добил затворска казна и колку години затвор одлежал. Инаку во постојниот Регистар има над 155 осуденици за педофилија.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико