Правдико

   

„Пуч“ презакажан за 3 мај, Јанева го обвини судот за опструкција

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Денешното рочиште за случајот „Пуч“ повторно е одложено бидејќи специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, смета дека не се исполнети условите за одржување главна расправа од судот.

zaev-puc-rociste-860x680

Јанева наведе дека на рочиштата не доаѓа сведокот кој е оштетен во случајот „Пуч“. Иако пред новинарите не го кажа сведокот со име и со презиме, јасно е дека станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски.

Ова во изјава за медиумите го потврди и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинитетите во случајот.

– Сведокот  е единствен во овој случај, а тоа е Никола Груевски, кој одбива да се појави пред судот– рече Заев по завршувањето на денешното рочиште.

Специјалната обвинителка пред судијката, Љубинка Башевска, кажа дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд во врска со одлуката да не им бидат доставени копиите од списите и електронските докази што ги бара СЈО.

Обвинителката Јанева наведе и дека е потребно во овој предмет сертификати за класифицирани информации да им бидат издадени на судиите од Судскиот совет што го води предметот, на адвокатите и на обвинетите.

– Сметаме дека не по наша вина се одложува оваа расправа, туку се одложува бидејќи не се исполнети условите. Откако ќе ни бидат дадени доказите, ќе ги подготвиме воведните говори и ќе се впуштиме во главна расправа – рече Јанева.

Околу барањето на Јанева за издавање сертификати, судијката Башевска рече дека судот нема никаква обврска да им ги предочува тие докази на увид на СЈО.

– Што се однесува до членовите на Судскиот совет, обвинителите и нивните бранители, вакви сертификати судот нема да побара да бидат приложени од нивна страна – рече Башевска.

При договарањето на терминот за наредното рочиште, за кое беше земен предвид оптималниот рок до кога Апелацискиот суд треба да се произнесе по жалбата, судијката предложи тоа да биде во април.

На ова реагираше Јанева, која рече дека не може во април бидејќи тој месец прави свадба за својата ќерка, а во пресрет доаѓаат и велигденските празници.

По ова, беше одлучено наредното рочиште да се одржи на 3 мај.

Во меѓувреме, Заев дофрли дека можеби е најдобро наредното рочиште да биде на 5 јуни. На ова се надоврза првообвинетиот во „Пуч“, Зоран Верушевски, кој додаде дека судењето треба да биде на 6 јуни.

– На 6 јуни ќе правиме судење како што доликува бидејќи овој концепт на судски процеси се исцрпува – рече Верушевски.

По завршувањето на рочиштето, Заев изјави дека судот избегнува и одолговлекува да ја утврди правадата и дека во светот нема друг таков случај освен во Северна Кореја.

– Ете зошто експертската група на Рајнхард Прибе инсистираше на подглавјата 23 и 24 за реформи во правосудството. Судот под изговор за некакви калсифицирани докази, за кои тој самиот не поседува сертификати, не ги доставува доказите до СЈО иако сите обвинители во него имаат сетификати за класифицирани информации. Тоа значи само едно – одолжување до бесвест на целиот процес за Зоран Заев, Зоран Верушевски и други да доаѓаат во судот во пресрет на предвремените парламентарни избори. Никаде во светот не постои суд кој избегнува да спроведе правда – рече Заев.

Извор: Мета

Партнери на Правдико