Работничките/ците кои користат отсуство поради бременост имаат право на регрес за годишен одмор | Правдико

Правдико

   

Работничките/ците кои користат отсуство поради бременост имаат право на регрес за годишен одмор

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Комисијата за толкување на општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на состанок одржан на 06.03.2018 одлучи дека жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање (односно се на породилно отсуство), а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година имаат право на исплата на надомест за регрес за годишен одмор, исто така познат како К-15.

На состанокот членовите на Комисијата исткнале дека треба да се користи толкувањето на Комисијата за примена на регрес и допрецизирање на толкувањето од 2015 година, согласно кое жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање имаат право на исплата на регрес за годишен одмор.

Воедно, Министерството за труд и социјална политика испратило барање до Државниот трудов инспекторат за известување на инспекторите за воедначена примена на оваа одредба од колективниот договор.

Согласно толкувањето на Комисијата, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителен за сите работодавачи и работници кои работат во приватниот сектор од областа на стопанството, вклучително и за работничките кои користеле отсуство поради бременост. Правото на надомест на трошоците поврзани со работа како што е правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата под услов работникот да бил вработен најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Поточно работодавачот е обврзан во годишниот финансиски план навремено да ја предвиди оваа финансиска обврска како финансиски расход за секоја наредна година.

Хелсиншкиот комитет во јануари 2018 година реагираше на погрешната примена на одредебите на колективниот договор кои се однесуваат на исплата на надомест за регрес на годишен одмор за работниците кои користеле породилно отсуство, кои во Република Македонија се најчесто жените. После ваквата реакција на Хелсиншкиот комитет следеше реакција на претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, кој даде погрешно и дискриминаторско толкувањена одредбите на колективниот договор кои се однесуваат на исплата на надомест за регрес на годишен одмор, изјавувајќи дека услов за користење на правото на паричен надоместок за регрес на годишен одмор, било “работниците да доаѓале активно на работа 6 месеци”, иако во самиот колективен договор воопшто не е така регулирано. После ваквата изјава, Хелсиншкиот комитет повторно побара правилна и воедначена примена на колективниот договор, осудувајќи го погрешното и дискриминаторско толкување на одредбите од колективниот договор од страна на претседателот на Организацијата на работодавачи.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува ваквата одлука на Комисијата, но апелира на родова сензитивност во толкувањето на општиот колективен договор. Имајќи предвид дека во текот на изминатите 6 години 211 мажи го искористеле правото на отуство поради родителство и се поголемиот тренд на користење на ова право од страна на мажите, сметаме дека правото на исплата на регрес за годишен одмор им следува на сите работници и работнички кои користат отсуство поради бременост и раѓање (односно се на породилно отсуство), а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година. Апелираме до сите работодавачи во приватниот сектор да ја почитуваат ваквата одлука и да им исплаќаат надоместок за регрес на годишен одмор на сите работници и работнички кои користеле отсуство заради бременост и раѓање, а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година. Воедно апелираме до Државниот инспекторат за труд воедначено да го применува ваквото толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството при вршењето на инспекциските надзори за исплата на надомест за регрес за годишен одмор од страна на работодавачите.

Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Препорачуваме

Партнери на Правдико