Работодавачите користат различни форми на дискриминација во огласите за вработување | Правдико

Правдико

   

Работодавачите користат различни форми на дискриминација во огласите за вработување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Огласите за работа во Македонија се дискриминаторски по повеќе основи, најчесто по пол и возраст. Но, дискриминацијата се чуствува и кај возраст, имено најчесто дискриминаторски се огласите на приватните компании кои бараат лица од машки или женски пол, на одредена возраст… Состојбите ги констатира Хелсиншкиот комитет од каде истакнуваат дека дискриминаторски огласи продолжуваат да се објавуваат и покрај тоа што и во минатото реагирале за слични случаи.

Решение за проблемот е пријавување на сите случаи, за да може надлежните институции да реагираат, но и едукација на работодавачите дека на ваков начин го кршат Законот за заштита од дискриминација. Новиот закон во оваа сфера, што е во подготовка, се очекува да ги допрецизира постапките на Комисијата, но и да ги зајакне нејзините стручни служби кои тие постапки треба да ги водат, пишува МИА.

– Голем дел од огласите бараат женски или машки лица за одредено работно место или бараат лицата да бидат на одредена возраст, или пак поставуваат услови и по однос на пол и по однос на возраст, со што прават дискриминација – се посочува во Извештајот од Комитетот.

Оттаму подготвуваат претставки за секој од огласите што ги забележале, а кај кои се јавува услов за пол, возраст или било кој друг услов што е ограничувачки, бидејќи, како што посочуваат, со поставување услови за пол, род, возраст или некој друг услов, се врши дискриминација и ограничување на пристапот до вработување. Дел од работодавците, сметаат од Хелсиншки, свесно го прават ова, а дел од нив не знаат дека со таквите услови го ограничуваат пристапот до вработување за одредена група.

Како што наведуваат од МИА, Хелсиншкиот комитет смета дека е неизбежно да се преземат други дополнителни мерки кои ќе го намалат бројот на дискриминирачки огласи.

– Нашата препорака оди во насока на едукација на работодавците и на посредниците за вработување во делот на дозволени услови за вработување кои не го ограничуваат пристапот до вработување по било кој основ – истакнуваат од Комитетот.

Минатата година имало и случај за кој Комисијата за заштита од дискриминација донела мислење со кое утврдила директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ, по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет.

– Се работеше за оглас за вработување во кој се бараше “женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна – сервирање појадок (шведска маса)”. Комисијата постапувајќи по претставката во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација, бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30 години и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст – посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму додаваат дека и покрај ваквите мислења на Комисијата за заштита од дискриминација, огласите со дискриминаторски услови за вработување се уште се појавуваат на веб-страните за вработување.

Во препораките и заклучоците, што ќе бидат доставени до Владата, се предлага воспоставување систем за контрола, мониторинг и евалуација во областа на работата и работните односи во процесот на барање работа, објавувањето на огласи за вработување со недискриминациски елементи, обука на новинарите, промовирање на Кодекс на однесување на работодавците, обука и стратегија за професионално работење, и да се промовира начинот на правилно објавување на огласи за вработување и критериумите за вработување.

Препорачуваме

Партнери на Правдико