Рамковниот договор – 13 години потоа
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Различни оценки околу ефектите на политичкиот договор, кој беше потпишан на 13 август 2001 година и стави крај на конфликтот
Дали Рамовниот договор ја оствари целта за која беше потпишан: да стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и да постави рамка за поквалитетен меѓуетнички соживот? Треба ли да влезе во нова фаза, која бара преиспитување на некои насоки? Овие и други дилеми ќе бидат отворени на одбележувањето на 13-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој беше парафиран на 10 август во Охрид 2001 година.
По тој повод в среда, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор ќе организира трибина на тема: „Втора декада Охридски рамковен договор – потреба и обврска на патот кон евроинтеграција?“, на која се поканети да учествуваат експерти, учесници во разговорите и други гости од земјата и од странство. Аналитичарот Сашо Клековски денеска во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека Рамковниот договор ја зголемил безбедноста, но како што вели тој, „доколку придобивките не се спуштат кон подолните, посиромашните општествени слоеви, доколку нема намалување на невработеноста, на сиромаштијата, конфликтниот потенцијал повторно ќе се јави“.
Тој тоа го илустрираше со пример од Општина Липково.
„Општина Липково, според последните достапни податоци, 95 отсто од околу 30 илјади жители колку што има, се со осмолетка или со помалку од осмолетка, најголем дел се невработени. А, такви општини има уште неколку во северна Македонија“, потенцираше Клековски . Според него, во една таква социо-економска структура, лесно е да се запали и поттикне конфликт, инспиран од страна.
„Социјалната состојба таму е лесно запаллива. Зад многу од тоа што ние го гледаме како меѓуетнички конфликти, мислам дека длабоко вкоренетите причини се социјални проблеми кои ние мора да ги решаваме“, додаде тој. Професорот Мерсел Биљали пак, мисли дека Рамковниот договор станал монотон документ, не само поради доцнењето во спроведувањето, туку поради фалењето, што го претвори во инструмент на партиска пропаганда.
„Рамковниот договор не успеа да го наметне граѓанинот и неговата професионалност како фактор. Се претвори во механизам за неквалитетни вработувања на партиски послушници и активисти. Тие способните останаа надвор“, нагласува Биљали. Од етнички аспект, додава тој, Рамковниот договор не успеа да создаде имунолошки систем против мајоризација, бидејќи тој е злоупотребен во национализам.
„И сега пак сме сведоци на состојба кога национализмот е исплатлива зделка. Треба нов договор, не меѓу партиите, туку меѓу луѓето – како да станеме нормални луѓе со нормална држава“, вели Биљали. Дека е време да се отвори сериозна расправа околу ефектите на Рамковниот договор беше потенцирано и на минатогодишната дебата посветена на оваа тема.
Поранешниот премиер Владо Бучковски тогаш констатираше дека Македонија неколку години по ред стои на патот кон ЕУ и кон НАТО.
„Која е алтернативата за граѓаните на Македонија? Не толку одамна македонските Албанци ги нарекуваа Американци, бидејќи како земја бевме многу понапред и од Албанија и од Косово. Сега работите се сосема поинакви“, нагласи Бучковски на дебатата на која присуствуваа и вицепремиерот Муса Џафери, министерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, како и многу професори, аналитичари, публицисти, амбасадори…
Според него, во ситуација кога спорот со Грција претставува услов без кој не се може за нашата евроинтеграција, неминовно е Рамковниот договор да се преиспита и да се отворат сериозни дебати и расправи околу евентуалните нови модалитети на функционирање.
Пред 13 години, преговорите за Охридскиот рамковен договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
На 13. август истата година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје, Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Сите овие години, тој е оспоруван и фален како „нужно зло“ од домашните политички актери, додека за меѓународната заедница беше „успешна приказна“, која сакаа да ја имплементираат при конфликти во други земји.
Автор: Гордана Дувњак
Извор: Утрински весник
Поврзани статии: